• Email

    ristovas@ptt.yu

Датум на раѓање:
31 јануари 1943
Место на раѓање:
с. Наколец
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2006
Институции:
Област на работа:

Биографија

Ристо Василевски е роден на 31 јануари 1943 година во с. Наконец, Преспа. Основно училшнте, од прво до четврто одделение завршил во с. Наконец, од петто до осмо во с. Љубојно, а средно техничко училиште, градежна насока, во Скопје. Вонредно студирал на Градежниот факултет во Суботица.
Во 1962-1963 година работел како градежен техничар во градежното претпријатие „Пелагонија“ од Скопје. Веднаш по скопскиот земјотрес заминува на отслужување на воениот рок во Пожаревац и останува да живее во тој град, вработувајќи се најпрвин како технички раководител на градежното претпријатие „Неимар“, а потоа како градежен стручњак – цивилно лице во тогашната ЈНА, во која останува до крајот на 1993 година. Неговото заминување од ЈНА се врзува за распаѓањето на СФРЈ и осамостојувањето на Република Македонија. Во Пожаревац активно се вклучува во книжевниот живот и воспоставува плодна соработка со списанието „Браничево“ и весникот „Реч народа“, во кои објавува серија книжевни прилози. Во август 1969 година се преселува во Смедерево. Во него го основа Книжевниот клуб „Смедерево“ и станува негов прв претседател; го покренува угледниот Меѓународен фестивал на поезија „Смедеревска песничка jeсен“ („Смедеревска поетска есен“) и станува негов долгогодишен директор, уметнички директор и главен и одговорен уредник на издавачката дејност; го втемелува југословенскиот Фестивал на детско книжевно творештво „Извор живе речи“ („Извор на живиот збор“) во Колари кај Смедерево, и го покренува младинскиот весник „Сутра“ („Утре“) – станува негов главен и одговорен уредник. Во градот Смедерево и во Србија ангажиран е и во многу други книжевни, издавачки и културни дејности. Бил уредник на повеќе списанија за книжевност, уметност и култура, а сега е уредник на најугледниот српски литературен весник „Књижевне новине“ од Белград, уредник на литературното списание „Моне Ауреус“ од Смедерево и член на Одборот на Меѓународниот фестивал Смедеревска поетска есен и на меѓународните Белградски книжевни средби. Од 1993 година е сопственик, директор и главен уредник на угледната издавачка куќа „Арка“ од Смедерево.
И како директор на Меѓународниот фестивал Смедеревска поетска есен, и како сопственик и главен и одговорен уредник на ИК „Арка“, Василевски посебно внимание й посветувал на современата македонска книжевност. За 37 години постоење на Смедеревска по­етска есен не се случило учеството на македонските поети да не биде најмногубројно. На симпозиумите учествувале: академиците Димитар Митрев, Милан Турчинов, Гане Тодоровски, Георги Старделов, Александар Спасов и Катица Ќулавкова, и повеќе истакнати македонски критичари и есеисти.
Книжевниот летопис на Ристо Василевски започнува со објавувањето на неговите први песни во весникот „Нова Македонија“ (1960). Оттогаш редовно соработува во речиси сите позначајни весници и списанија што излегувале во Македонија, во поранешна Југославија, и надвор од неа. Досега неговата библиографија има над 3.000 био­библиографски единици.
Преселувањето во Србија влијаеше Василевски да почне да пишува и на српски јазик, така што со книга на тој јазик дебитира во 1968 година, објавувајќи ja стихозбирката „Шапутања“ („Шепоти“), со која го сврте вниманието на југословенската книжевна јавност. Во истата година, на општојугословенскиот конкурс за необјавени кни­жевни дела, чиј претседател на жири-комисијата беше истакнатиот српски критичар, есеист и антологичар Зоран Глушќевиќ, Василев­ски ja доби првата награда за поезија „Ѓуро Салај“. Наградениот поетски ракопис под наслов „Временија“, преведен од македонски на српски јазик, го објавува во 1970 година. Оваа стихозбирка на повеќе српски критичари им послужи за правење анализи и споредби меѓу нејзината вредност и вредноста на поетските книги на српските по­ети што тогаш се објавуваа во Србија. Тоа беше повод Василевски да биде примен во Друштвото на писателите на Македонија, а малку подоцна и во Здружението на писатели на Србија.
Со поетска книга на македонски јазик Василевски дебитира со стихозбирката „Толкување на патот“ (1973). Зад неа следат уште 17 стихозбирки, детски книги, антологии, и аудио касети на македонски јазик и уште 18 поетски книги, романи, антологии и монографии на српски јазик. Тие на Василевски му обезбедија трајно место не само во македонската и српската книжевност, туку и пошироко – Василевски е виден учесник на многу домашни и меѓународни книжевни средби на кои добива и повеќе значајни домашни и меѓународни награди и признанија. Според податоците со кои располагаме, поезијата на Василевски е преведувана на над дваесет странски јазици.
Ристо Василевски е добитник на голем број престижни наг­ради и признанија меѓу кои се: „Браќа Миладиновци“; меѓународните награди “The naji Naaman’s Literary Pritce”, Liban i “Balcanii si Europa” Bucarest, Романија; „Милан Ракиќ“ на Здружението на писатели на Србија; „Раде Обреновиќ“ на Змаевите детски игри од Нови Сад, Србија; „Почесно Рациново признание“ и други.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.