Датум на раѓање:
30 март 1928
Место на раѓање:
Париз
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2009
Институции:
Правниот факултет во Париз
Област на работа:

Биографија

Проф. д-р Робер Бадентер (Robert Badinter) е роден на 30 март 1928 година во Париз, Франција. Д-р Бадентер е професор на Правниот факултет во Париз.
Како врвен интелектуалец и правник од светски глас, играл значајна улога во Франција и во светот. Бил адвокат на Комората во Париз од 1951 до 1981 година. Од јуни 1981 до февруари 1986 година бил министер за правда во Франција. Д-р Бадентер направил да се укине смртната казна, ги укинал исклучителните правосудства и преземал многубројни мерки да ги зајакне правата и индивидуалните слободи на жртвите.
Професор Бадентер бил претседател на Уставниот совет (од март 1986 до март 1995 година). Од мај 1995 година е претседател на Европскиот суд за помирување и арбитража во рамките на ОБСЕ. Исто така, тој е сенатор на Nauts-de Seine и е на чело на групата на француско-македонско пријателство на Сенатот во Франција. Член е на Комитетот на Лигата за правата на човекот.
Во својата долгогодишна активност проф. Бадентер има објавено бројни дела.
Од објавените дела на проф. Бадентер, лично, најдрага му е книгата „Кондорсе…“ објавена со неговата сопруга Елизабет Бадентер пишувајќи за биографијата на една централна личност од француската историја, цивилизација, култура и духовност каков што е маркизот Кондорсе, славен математичар на 32 години, постојан секретар на Француската академија, пријател на Волтер и Даламбер, како последен енциклопедист, вљубеник во правдата, пријател на протестантите и Евреите, борец против ропството на Црнците, уште тогаш борец за граѓанските права. Проф. Бадентер смета дека со оваа книга ja постигнал својата цел како писател, правник и хума­нист. Преку оваа комплексна личност на најдобар начин може да се разбере и француската комплексност. Книгата „Кондорсе…“ е пре­ведена на десеттина јазици и доживеа повеќе дополнителни изданија.
Книгата „Егзекуција“ Бадентер ja смета како дело на својот живот која изврши несомнено влијание во укинувањето на смртната казна во Франција. Ова е и „книжевна поема“ за животот и смртта. И оваа книга доживеала повеќе изданија и е преведена на многу јазици.
Професор Бадентер е голем пријател на Република Македо­нка. Toj ja почитува и сака нашата земја и кон неа се однесува на еден природен начин, мотивирајќи се пред се од правичноста на нејзината кауза и среќниот избор на нејзината независност по мирен пат.
Пошироката македонска јавност со името на Робер Бадентер се запозна кога во јануари 1992 година беше изготвен извештајот на Арбитражната комисија на Европската заедница, во кој беше дадено мислење и за признавање на Република Македонија од страна на Европската заедница и на нејзините држави-членки. По разгледувањето на документите што ги достави Република Македонија, Арбитражната комисија, чиј претседавач беше Робер Бадентер, даде оценка дека Република Македонија ги задоволува условите предвидени за признаваше на нови држави.
Робер Бадентер, всушност, на двапати ja задолжи нашата јавност. Првпат кога, со силата на својот авторитет, се заложи за правичната кауза за признавање на нашата државност во светот, и вторпат преку преводот на македонски јазик на книгата „Егзекуција“.
Проф. д-р Робер Бадентер е почесен доктор на правните науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.