Датум на раѓање:
03.08.1954
Место на раѓање:
Хартфорд, Конетикат; САД
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2009
Институции:
Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Торонто”, Канада
Област на работа:

Биографија

Д-р Кристина Крамер (Christina Kramer), американски лингвист, славист и балканист, е родена на 3 август 1954 година во Хартфорд (Конектикат, САД). Матурирала во Висконсин (Belloit College), студирала на Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил (University of North Carolina, Chapel Hill) под раководство на проф. д-р Виктор Фридман. Hejзината магистерска теза била посветена на лексиколошка анализа на дел од необјавените фолклорни материјали од Кирил Пенушлиски (“Tur- kisms and Dialectisms in the Unpublished Works of Kiril Penušliski“, 1980).
Докторската дисертација, исто под менторство на В. Фридман, одбранета на истиот Универзитет, била посветена на синтаксичките показатели на модалност во македонскиот стандарен јазик (“Analytic Modality in Literary Macedonian“, 1983). Во периодот 1983-1986 д-р Крамер работела како доцент во Одделението за странски јазици на Универзитетот во Кентаки.
Во центарот на нејзиниот научен интерес е граматичкиот, пред се вербалниот систем на македонскиот стандарден јазик, но во нејзиниот опус има и низа драгоцени студии посветени на македонските дијалекти, на историјата на стандардизацијата, а исто така и на социолингвистичките состојби во Република Македонија и пошироко на Балканот.
Од 1986 год. д-р Крамер работи на Универзитетот во Торонто, Канада (University of Toronto) во Одделението за словенски јазици и книжевности (Department of Slavic Languages and Literatures), прво како доцент, од 1990 год. како вонреден, а од 2001 како редовен професор. Од 2003 година таа е шеф на Одделението.
Д-р Крамер долги години е активна на полето на воспоставување врски меѓу американската и македонската славистика и македонистика. Во 1997 год. била организатор на Третата северноамериканско-македонска конференција посветена на македонскиот јазик, литература и фолклор во Торонто, а во 2000 и 2003 год. коорганизатор на слични конференции во Охрид и во Колумбос, Охајо.
Библиографијата на д-р Крамер опфаќа 5 книги и над 30 ста­тии во престижни научни списанија. Во центарот на нејзиниот научен интерес се наоѓа вербалниот систем на македонскиот стандарден јазик, категориите ‘модалност’, ‘вид’ и ‘време’. Нејзината докторска монографија, објавена во познатата издавачка куќа Загнер (Verlag Otto Sagner, Германија во 1986 год.) претставува до денес ненадмината семантична и формална анализа на македонските модални парадигми со синтаксички форманти и широко е цитирана од сите автори-специјалисти за балканската модалност. Во низа социолингвистички трудови д-р Крамер ja анализира ситуацијата и јазикот на маке­донската дијаспора во САД и во Канада, проблематиката поврзана со малцинските права за обука на мајчин јазик и сл.
Нејзиниот прирачник по македонски јазик за англофони (Ma­cedonian: a Course for Elementary and Intermediate Students, University of Wisconsin Press 1999, второ, ревидирано и дополнето издание 2003, и двете електронски верзии подготвени со помош на Грејс Филдер, Лилјана Митковска и Филип Хамондс, 2000 и 2006) служи за обука на студенти-македонисти на сите континенти и многу високо е оценет од страна на специјалистите. Електронската верзија донесува не само аудиовизуелен курс по македонски јазик, но и богатство од среќно избрани илустрации кои им го доближуваат на студентите македон­скиот природен амбиент, фолклорот, спомениците на културата и др.
Д-р Крамер ги има организирано и постојано ги унапредува универзитетските студии по македонски јазик во Торонто. Meѓy нејзините студенти има Канаѓани, многу новодојденци, имигранти и се повеќе Македонци од дијаспората.
Д-р Крамер одржува постојани контакти со Македонија и со македонските колеги, учествува во многу истражувачки иницијативи на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ и при секој престој во Скопје држи предавања во Центарот.
За својата научна и педагошка активност д-р Крамер била многукратно наградувана. Повеќекратен добитник е на Dean’s Excel­lence Award во Торонто, на Златна плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, AATSEEL book prize: Best Contribution to Language Pedagogy за својот прирачник по македонски јазик за англо­фони, а во 2008 година беше меѓу првите четворица добитници на медалот „Блаже Конески“ на МАНУ.
Избрана е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за лингвистика и литературна наука.