Проф. д-р Нуло Миниси е роден во 1921 година во Витербо, Италија. Филолошки студии завршува во Неапол.
Во 1948 година станува доктор по словенска филологија.
За доцент на Отсекот за студии на Источна Европа при Универзитетот за ориенталистика е избран во 1958 година, а за редовен професор — во 1962 година. Долгогодишен е директор на Отсекот, а од учебните 1977/78 до 1980/81 година е и ректор на Универзитетот за ориенталистика. Во тоа својство тој ја има заслугата што пред 10 години започна да работи Лекторат за македонски јазик и литература во Неапол. Во истото својство, проф. д-р Миниси е еден од главните иницијатори и организатори на Деновите на македонската култура во Неапол.
Покрај извесни проучувања од историјата на старите словенски текстови и од областа на руската и југоисточните литератури, проф. д-р Миниси особено се интересира за историјата на словенските, балтичките, индоиранските и дравитските јазици. Во последно време проф. д-р Миниси се свртува кон проблемите на балканската лингвистика, а особено кон проблемите на македонистиката. Неговите реферати: „За таканаречениот удвоен предмет во македонскиот и во другите балкански јазици“ и „Македонскиот вокализам во рамките на балканскиот вокализам“ предизвикува голем интерес кај научните работници од подрачјето на македонистиката.
Во соработка со Лекторатот за македонски јазик во Неапол, тој работи врз составувањето на македонска граматика, што треба да биде објавена во Италија, како и врз составување и преведување на антологија на македонската современа поезија.
Проф. д-р Нуло Миниси е лингвист од светски формат,’ голем ерудит и оригинален мислител, којшто притоа е заслужен како за изучувањето на македонскиот јазик така и за популаризацијата на македонската култура во Италија.
За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 14 мај 1979 година.
num@iuo.it