• Email

    gkalogjera@uniri.hr

Датум на раѓање:
20.03.1951
Место на раѓање:
Дубровник
Членство во МАНУ:
Надвор од работниот состав, 2003
Институции:
Универзитетот во Риека
Област на работа:

Биографија

Горан Калоѓера (Goran Kalođera), редовен професор по македонистика и кроатистика на Универзитетот во Риека е роден на 20 март 1951 година во Дубровник, Р. Хрватска.
Во 1969 година се запишува на Филозофскиот факултет во Загреб на групите: југословенски јазици и книжевности (кроатистика и јужнословенски филологии, компаративна книжевност) и во 1974 година дипломира на истиот факултет. Во 1976 запишува постдипломски студии од поновата хрватска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб.
Во 1981 година се вработува како асистент на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Педагошкиот факултет во Риека, а во 1982 година започнува со предавањата и семинарите на групата Македонска книжевност и македонски јазик.
Во 1982 година се здобива со звањето магистер на науки на Филозофскиот факултет во Загреб со темата: Книжевното дело на Јосип Еуген Томиќ, а во 1985 година докторира на темата Македонско -хрватските и хрватско-македонско-книжевни врски од нивните почетоци до 80-тите Години на XX век на Филозофскиот факултет во Риека.
Во 1986 година се стекнува со звањето доцент, во 1990 станува вонреден професор, а 1992 ja основа, конципира и пишува наставната и изведбената програма за новата група Хрватската книжевност во европскиот контекст. Во програмата е застапена и македонската книжевност. Во 1996 година е избран за редовен професор.
Од 1996-2000 е декан на Филозофскиот факултет во Риека, а во 2000 година е избран за проректор за настава при Ректоратот на Универзитетот во Риека.
Проф. Калоѓера е член на Хрватското филолошко друштво од Риека, на Матица Хрватска од Риека, почесен член на Културното друштво „Илинден“ од Риека и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.
Како дипломиран компаратист проф. Калоѓера интензивно се занимава со проучувањето на хрватско-македонските книжевни до­пири, притоа се ориентира главно на XIX век и книжевноста помеѓу двете светски војни со посебен осврт и студии за Рациновиот престој во Хрватска. Исто така покажува посебен интерес за браќата Мила­диновци, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев и Григор Прличев. Има издадено 6 македонистички книги и повеќе од 32 македонистички прилога и над 82 книжевни критики за повеќе автори.