Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 22 април 2021 година, во 82 година од животот, почина акад. Богомил Ѓузел, редовен член на МАНУ.
Акад. Богомил Ѓузел, поет, раскажувач, драмски писател, есеист, е припадник на третата повоена генерација македонски писатели, онаа генерација што се појавува во втората половина на педесеттите години на дваесеттиот век и која со своето дејствување ќе изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската литература, придонесувајќи за победата на оние сили кои се бореа за проширување на хоризонтите на творечките слободи и за внесување на македонската култура во Европа и во светот.
Акад. Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Чачак, Србија. Дипломирал во 1963 година на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 1963–1964 година работел како ТВ реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет.
По враќањето, од 1966 до 1971 година, работел како драматург во Драмскиот театар, Скопје, потоа од 1971 до 1973 година, како програмски директор на Струшките вечери на поезијата. Од 1976 година работи како библиограф во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од 1985 до 1999 година, како драматург во Драмскиот театар, Скопје. Од 1999 година е в.д. директор на Струшките вечери на поезијата, до пензионирањето во март 2004 година.
Во меѓувреме бил секретар на Македонскиот ПЕН центар (1963–64), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970–72) и еден од основачите и прв претседавач на Независните писателите на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура „Наше писмо“ е главен и одговорен уредник од неговото основање во 1995 година.
Учествувал на Интернационалната програма за пишување во Ајова Сити, САД (1972/73) и на меѓународните поетски фестивали во Ротердам (1978 и 1995), Сан Франциско (1980), Херлен (1991), Магар, Израел, (2001), Мастрихт и Валенсија (2002), Берлин (2006), Лодев (2007), Сараево (2008), Загреб (2009), Вилнус (2010), Истанбул (2011).
Творечкиот опус на акад. Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на акад. Ѓузел се напишани и голем број на критики и осврти, како од домашни, така и од странски автори.
Есеите кои акад. Ѓузел ги објавуваше во периодиката и дел од кои се собрани во книгите „Историјата како маштеа” и „Бовча”, ни го покажуваат овој автор не само како еден извонредно луциден интелектуалец, кој поседува висока доза на информираност и на сестрано образование, туку и како творец кој на прашањата што ги зема во средиштетото на своето внимание знае да им најде оригинален и често неочекуван аспект. Овој вид текстови на акад. Ѓузел се плод на упатеноста на овој автор во суштинските прашања на нашата епоха, како и резултат на неговата страсна желба да им најде одговор кој ќе биде во согласност со неговите етички и естетски сфаќања. Ставот на акад. Богомил Ѓузел е секогаш став на еден вистински ангажиран интелектуалец кој сака да ги изнесе своите погледи јавно и гласно, и тогаш кога тие, според сите предвидувања, не би можеле да очекуваат да бидат пречекани со сеопфатна согласност. Европската ориентација, интелектуалната луцидност и универзалната широчина им обезбедуваат на неговите есеи едно траење кое далеку ги надминува околностите во кои тие се пишувани и поводите кои го предизвикале нивното појавување.
Кога се зборува за овој вид на творечки ангажман на акад. Ѓузел, секако не може да се испушти од предвид манифестот „Епското на гласање” (потпишан и од поетот Радован Павловски), во кој овој автор на еден мошне оригинален и провокативен начин ги изнесува своите ставови кои се однесуваат на сфаќањето на поезијата, на творечкиот чин како и на прашањата поврзани со културната и поетската традиција. Овој манифест одигра значајна улога во формирањето на македонската културна клима во тој миг и го покажа самостојниот однос на неговите потписници кон официјалната идеолошка и политичка матрица која во тој период важеше како општоприфатена. Појавата на овој поетски проглас предизвика еден голем бран на љубопитство за македонската поезија во некогашните ју-простори, и во круговите на книжевната наука сé уште е објект на истражувања и анализи.
Акад. Богомил Ѓузел е несомнено наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. Високопрофесионалиот однос кон комплексните проблеми што се отвораат при преводот на поетските дела од класиката, совесноста и истенчениот вкус го красат овој дел од творечката дејност на овој автор. Благодарение на неговиот преведувачки ентузијазам, на јазичното мајсторство и на еден навистина студиозен пристап, на македонски јазик, во негов превод, се приопштени најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир (вкупно, осумнаесет). Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т.С. Елиот, В.Х. Одн, Волт Витмен, Е. Дикинсон, Езра Паунд, В.Б.Јејтс, Шејмас Хини и др. а и составувач (заедно со Луис Симпсон и Серж Фошро) и преведувач на една сериозна и откривачка Антологија на современа американска поезија.
Акад. Ѓузел е добитник на најзначајната книжевна награда „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга помеѓу две Струги (двапати) и наградата за преведувачки опус „Кирил Пејчиновиќ”. Исто така, добитник е и на главната награда на Меѓународната писателска средба во Загреб 2002 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.
По повод смртта на акад. Богомил Ѓузел, Македонската академија на науките и уметностите ќе одржи Комеморативна седница преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација, за што јавноста ќе биде навремено информирана.