Македонскатаtome академија на науките и уметностите со жалење ја информира јавноста дека денес почина академик Томе Серафимовски, член на Македонската академија на науките и уметностите.

Академик Томе Серафимовски е роден во с. Зубовце, Гостиварско, на 14 јули 1935 година. Основното образование го завршува во Гостивар. Во 1957 година, во Сплит, завршува средно уметничко училиште, отсек вајарство во класата на проф. Жељко Радмиловиќ, а соработува со професорите Иван Мирковиќ и Марин Студин. Извесен период работи како сликар сценограф во Народниот театар во Сплит.

Во 1957 година, своето образование го продолжува на Академијата за ликовни уметности во Загреб на која дипломира во 1963 година, во класата на професорот Антун Аугустинчиќ. Истата година, тој е соработник во мајсторската работилница на својот професор.

Како стипендист на Владата на Република Франција, реализира повеќегодишен студиски престој во Париз. За тоа време работи како соработник на позната француска скулпторка, Алиција Пеналба. Престојот во Париз остава видливи траги врз творештвото на Томе Серафимовски.

Во критиката, тој е ситуиран во традицијата на париската школа останувајќи, притоа, верен на духот на медитеранската традиција. Надоврзувајќи се на искуствата на Мештровиќ и на Аугустинчиќ и живеејќи во светот на Роден, на Бурдел, на Мајол и на Бранкуши, Томе Серафимовски создава величествен свет на скулптури, со исклучително чувство за рамнотежа и за хармонија, движејќи се успешно помеѓу националното и универзалното.

По враќањето од Париз, кон крајот на 1969 година, извесно време работи како сценограф во Телевизија Скопје. Од средината на 1970 година па се до 1987 година живее и работи во Гостивар и во Охрид, па одново се враќа во Скопје. Активно учествува на многу југословенски и македонски конкурси и создава голем број споменици.

Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1962 година, а од 1977 до 1978 година е негов претседател. Од 1977 до 1980 година бил член на Претседателството на Сојузот на здруженијата на ликовните уметници на Југославија.

На 7 октомври 1988 година е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Од 1992 до 1999 година е секретар на Одделението за уметност и член на Претседателството на МАНУ.

Во 2003 година е избран за странски член на Српската академија на науките и уметностите; во 2006 година е избран за член на Светската академија за уметност и наука, со седиште во Сан Франциско, САД, во 2010 е избран за член на Креативниот круг „Орфеј”, во 2011 година ја добива титулата почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, во 2015 е избран за странски член на Црногорската академија на науките и уметностите.

Томе Серафимовски има создадено, во траен материјал – бронза, мермер, оникс и дрво – над 550 скулптури. Од тоа, околу 250 одделни портрети, повеќе од 170 актови, 100-тина скици, минијатури, идејни решенија од областа на ситната пластика, над 15 скулптури со анимални сцени, околу 10 торза и релјефи, а реализирал и 40-тина споменици и спомен-обележја кои се наоѓаат на просторите на Република Македонија, на поранешна Југославија и во светот.

Неговите дела се наоѓаат и во повеќе приватни и јавни колекции, во галерии и во музеи, како и во многу други институции во светот.

Во 2008 година, во село Зубовце, во спомен на неговите предци и на неговото родно место, како духовно огниште, беше осветена црквата „Св. апостол Тома” чиј ктитор е Томе Серафимовски. Иконостасот во црквата е дело на академик Серафимовски и е изработен во единствена техника, барелјеф во бронза, што се смета за прв пример во поновата уметност.

Во текот на 60 години активно творештво, Томе Серафимовски учествувал на околу 300 групни изложби, а реализирал 40 самостојни изложби, во земјата и во странство.

За своето скулпторско творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија.

Погребот на академик Томе Серафимовски ќе се изврши на Градските гробишта во „Бутел” на 6 март (недела) во 12 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во Бутел од 11 до 12 часот.

Комеморативната седница за акад. Томе Серафимовски ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите на 7 март 2016 година (понеделник).