Д-р. Димитар Ефремов е роден на 26 декември 1960 година во Скопје. Во 1986 година дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј”-Скопје, каде во 2000 завршил специјализација по интерна медицина. Дополнително се едуцирал и обавил студиски престој на Медицинскиот факултет на Џорџија во Августа, САД (1987 и 1993 година), и во Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија (1992 година). Во 1994 година се стекнал со звањето доктор на медицински науки на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мастрихт, Холандија, а во 2013 година се стекнал со национална хабилитација за вонреден професор по хематологија во Италија.
Во 1990 се вработил на Клиниката за Хематологија во Скопје како помлад асистент, а во 2001 година е избран за насловен доцент по предметот интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Во периодот од 1994 до 1997 година работел како научен соработник во Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија. Во 2003 година повторно се вработува во истиот центар и го основа Одделот за Молекуларна хематологија во филијалата на центарот во Рим, а во 2015 го трансферира Одделот за Молекуларна хематологија во централата на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, каде продолжува да раководи со истиот. Од април 2020 повторно активно се вклучува во работата на Универзитетската Клиника за Хематологија-Скопје, најпрво како соработник на научно-истражувачки проекти, а потоа и како Визитинг Професор на Медицинскиот факулет во Скопје.
Др. Димитар Ефремов е еден од водечките истражувачи и експерти за хронична лимфоцитна леукемија во светот. Меѓу неговите позначајни достигнувања се првите преклинички студии со инхибиторите на Б клеточниот рецептор и студиите кои го идентификуваат механизмот преку кој Б клеточниот рецептор допринесува во патогенезата на хроничната лимфоцитна леукемија. Спровел и бројни истражувања кај други малигни и бенигни хематолошки и имунолошки болести. Неговите бројни научни достигнувања се публикувани во најпознатите светски списанија од подрачјето на хематологијата, онкологијата и молекуларната медицина. Објавил 127 трудови во водечки меѓународни списанија со вкупен импакт фактор од 1200. Со над 6000 цитати и h-индекс 41 се вбројува меѓу најцитираните македонски научници од областа на медицинските науки. Бил член на уредувачките одбори на повеќе меѓународни списанија од областа на хематологијата и онкологијата, меѓу кои и официјалното списание на Европската хематолошка асоцијација Haematologica, а моментално е асоциран уредник на списанието Frontiers in Oncology и академски уредник на списанието Cancers. За неговите истражувања добил бројни признанија и награди, вклучувајќи престижни проекти од Американската асоцијација за леукемии и лимфоми (Leukemia & Lymphoma Society), Италијанската асоцијација за истражување на ракот (Fondazione AIRC per la Ricerca sul Cancro) и Европската Унија.
Професор е на докторските студии на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст и член на Collegio dei docenti на докторските студии на Универзитетите во Трст и Тренто, а од 2016 до 2019 година бил и надворешен предавач на катедрата за хематологија на Медицинскиот факултет “A. Gemelli”, Università Cattolica, во Рим, Италија. Исто така предавал или членувал во комисиии за одбрана на докторат на бројни водечки универзитети во Европа и САД, меѓу кои Università Cattolica del Sacro Cuore и Sapienza Università во Рим, Università Vita-Salute San Raffaele во Милано, универзитетите во Падова, Тренто, Амстердам, Саутхемптон, Улм, Упсала, Линкопинг, Осло, Њујорк (Columbia University), и др. Учествувал во улога на поканет предавач или модератор на најзначајните конгреси во неговата област, како што се конгресот на American Society of Hematology, European Hematology Association, International Workshop on Chronic Lymphocytic Leukemia, European Research Initiative on CLL и European School of Haematology.
Иако поголемиот дел од својата кариера го поминал во странство, дал значаен придонес и во развојот на научната и здравствената дејност во Македонија преку воведување на повеќе нови дијагностички и терапевтски процедури. Меѓу другото, во 1987год ја вовел PCR методата во Центарот за Нови Технологии на МАНУ, во 1998 год ја формирал првата лабораторија за молекуларна дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје, а во 2000 бил дел на тимот кој за прв пат во Македонија го вовел методот на трансплантација на матични хематопоетски клетки. Исто така, преку грантови за научно-истражувачки проекти и стипендии овозможил едукацијата на бројни истражувачки кадри од Македонија.
Во 2015 година е избран за член на Македонската Академија на Науките и Уметностите надвор од работниот состав во Одделението за медицинските науки. Во 2016 година е избран за член на Европската Академија на Науките и Уметностите. Покрај тоа, член е на American Society of Hematology, European Hematology Association, Henry Kunkel Society и Royal Society of Medicine.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите во Одделението за медицински науки.