Датум на раѓање:
23 април 1920
Место на раѓање:
Велес
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1986
Институции:
Област на работа:

Биографија

Зографски, Данчо (Велес, 23. IV 1920-Скопје, 9.1.1997)-научен работник, истражувач на поширокото подрачје на поновата историја на македонскиот народ и посебно на полето на стопанската историја на Македонија, редовен професор на Економскиот факултет во Скопје, општествен деец и педагог, академик. Основно образование и гимназија завршил во родниот град (1939), право студирал во Белград, а дипломирал во двегодишни студии на Институтот за општествени науки (1950- 1952). Својот работен век го започнал како главен уредник на весникот „Нова Македонија“. По основањето на Економскиот факултет во Скопје бил избран за наставник по предметот Стопанска историја (1950). Докторирал на Економскиот факултет во Белград (1962). Бил декан на Економскиот факултет во Скопје, во два мандата ја вршел функцијата директор на Институтот за национална историја во Скопје, повеќе години бил републички и сојузен пратеник и вршел други одговорни општествени функции. За дописен член на МАНУ е избран во 1981 г., а за редовен во 1986. Бил член на Претседателството на Меѓународната комисија за славистички проучувања, член на Комисијата за историја на СКЈ, претседател на Комисијата за историја на СКМ, член на потесните редакции на Историјата на македонскиот народ, на историите на СКЈ и на СКМ, уредник на списанието „Гласник“ на Институтот за национална историја, член на редакционите одбори на списанијата „Историја“, „Погледи“, „Acta historico-economica Jugoslaviae “ и др. Неговиот научен опус го сочинуваат преку 200 монографии, статии, збирки на документи и други прилози. Неговите одбрани дела беа публикувани во шест книги (1986). Покрај опстојните истражувања во соодветните фондови во архивите во земјата, исцрпни истражувања вршел и во архивите во Бел- град, Загреб, Сараево, Сремски Карловци, Виена, Бон, Потсдам, Кобленц, Фрајбург, Берн, Прага, Амстердам и Лондон. Учествувал на бројни домашни и меѓународни конгреси и научни собири. Тој е истражувач на зародувањето на капиталистичките елементи во Македонија и на македонското социјалистичко и работничко движење. Неговите истражувања од областа на стопанската историја на Македонија, а посебно оние што се однесуваат на периодот на османско-турското владеење претставуваат базични трудови од оваа област. Починал на 9 јануари 1997 година.

Библиографија