Академик Крум Томовски е роден на 21 декември 1924 година во Скопје. Гимназија завршил во Скопје, а дипломирал во 1952 година на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград. Веднаш по дипломирањето бил избран за асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Во 1958 година е избран за доцент по предметот развој на архитектурата, во 1965 за вонреден професор, а во 1971 година е избран за редовен професор на Архитектонскиот факултет.
Бил декан на Факултетот (1977/1978), шеф на Архитектонскиот оддел, а од 1970 година шеф на Катедрата за архитектура и проректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1978 – 1982). Основач е и прв директор на Заводот за заштита на спомениците на град Скопје (1963 – 1965). Бил претседател на Собранието на Републичката заедница за култура (1986 – 1991) и претседател на Архитектонската академија на ААМ од нејзиното основање во 1997 па се до 2000 година.
Во научноистражувачката работа целосно се ориентирал на проучувањето на архитектурата во Македонија, односно својата активност ја концентрирал на проучувањето на средновековната и исламската архитектура, на народната архитектура и на цели урбанистички целини. Ги проучувал и мајсторите градители. Ја проучувал и архитектурата на другите балкански народи, задржувајќи се посебно на градбите на македонските мајстори и на нивниот придонес во развојот на архитектурата во текот на 18 и 19 век. Бил активен и како архитект-конзерватор.
Напишал голем број студии и статии отпечатени во стручни списанија и во дневниот печат (повеќе од 250 единици), објавени во земјата и во странство (Италија, Романија, ЧССР и др.)
Учествувал во редакции на повеќе публикации. Бил член и одговорен уредник на Годишниот зборник на Техничкиот, односно подоцна на Архитектонско-градежниот факултет, член на редакцијата на публикациите на Заводот за студии и проектирање, на списанието “Културно наследство”, на “Зборник заштите споменика културе”, Белград, на публикацијата “Дрвото во архитектурата и скулптурата кај словенските народи” (проект на УНЕСКО), како претставник на МАНУ и други соработници.
Одликуван е со Орден на трудот со златен венец и добитник на наградите “11 Октомври”, “Климент Охридски” и други награди и признанија.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 декември 1974 година, а за редовен член 14 мај 1979. Секретар на Академијата е во периодот од 1984-1987; 1988-1991 и 2004-2007 година. Избран член на Претседателството на Академијата е од 2000 до 2003 година. Раководел со повеќе проекти во МАНУ.
Починал на 8 јули 2010 година.