Датум на раѓање:
2 јули 1920
Место на раѓање:
с. Горно Бигор Доленци
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1983
Институции:
Филозофскиот факултет во Скопје
Област на работа:
Старогрчкиот и латинскиот јазик, микенологијата, славистиката (македонстиката) и балканистиката.

Биографија

Академик Петар Хр. Илиевски е роден 1920 година во с. Бигор Доленци, Кичево. Основно училиште завршил во родното место, а православна богословија во Битола. Потоа студирал православна богословија во Софија и дипломирал во 1946 г. Како студент бил вклучен во НО движење од 1942 г., а во НОВ од 1944 г.
По ослободувањето работел како професор во средните училишта, а од 1952 г. студирал класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје и во 1956 г. дипломирал по што е избран за асистент на Катедрата за класична филологиј. Понатаму работи како професор до пензионирањето.  Во текот на 1957/8 академска година бил на специјализација во Кембриџ, Велика Британија каде што работел на својата докторска дисертација која подоцна ја одбранил на Универзитетот во Скопје.
Неговиот општествен ангажман е импресивен. Тој го организирал Друштвото за класични студии на поранешна Југославија, а потоа и два научни конгреса. Организатор е и на VII Меѓународен микенолошки колоквиум во 1985 и на два меѓународни научни собира за Светите Климент и Наум како и на дуги меѓународни научни средби. Истовремено, тој уште како студент се ангажира во работата на меѓународното списание Жива Антика, а потоа долги години е негов одговорен уредник.
На творечки научен план Илиевски постигнал завидни резултати и меѓународно признание во неколку сродни области.
Со својата докторска дисертација под наслов Аблативот, инструменталот и локативот во најстарите грчки текстови тој прави меѓународен пробив во микенологијата. Потоа следат низа статии од оваа област презентирани на еминентни научни собири и објавени во светски научни списанија. Меѓу пообемните дела се издвојува книгата Животот на Микенците во нивните писмени сведоштва која претставува синтеза на неговите дотогашни научни истражувања.
Како класичен филолог, Илиевски посветува внимание на крупни теми од античката книжевност и култура, а посебно ја истражува метриката во хомерската епска поезија како и преводните можности на македонскиот јазик. Тука се издвојува книгата За античката просодија во македонски препев.
Во т. н. балканолошки студии тој остварува необична синтеза која произлегува од неговото широко образование. Меѓу големиот број трудови објавени дома и во странство, се истакнуваат оние што се посветени на истражувањето на јазиците на Балканот како дијахроно така и синхроно. Централно место имаат прилозите за македонскиот јазик каде што се остварени врвни резултати со трајно значење.
Посебна вредност во научниот опус на Илиевски има истражувањето на македонскиот јазик низ вековите што е објавено во бројни статии и неколку книги. Во овој контекст, капитални се делата Крнински дамаскин и Традиција и иновации во македонските црковнословенски книжевни споменици од Турскиот период. Кон ова се придружуваат и трудовите со фундаментално значење, посветени на кирилометодиевската традиција од кои дел се објавени во книгата Светила незаодни. Словенските првоучители и нивните ученици, како и неговото учество на првиот македонски превод на Евангелието.
За своето научно дело Илиевски ги добил највисоките државни признанија и награди, а меѓу нив и двапати наградата „11 Октомври“. Член на МАНУ станува во 1979 година.

Библиографија