• Email

    dijana@manu.edu.mk

Датум на раѓање:
21.05.1963
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
Дописен член, 2022 година
Институции:
Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“, МАНУ
Област на работа:
Молекуларна медицина, хумана генетика

Биографија

Проф. д-р Дијана Плашеска Каранфилска дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје во 1987, со просечен успех 9.88, а во 1994 година докторирала на Универзитетот во Мастрихт, Холандија во областа на медицинските науки.

Од 1988 година е вработена во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦГИБ) „Георги. Д. Ефремов“, како асистент, научен соработник, виш научен соработник и научен советник (од 2005 година). Од 2001 година е раководител на лабораториите, односно секторите за молекуларна дијагностика и геномика во ИЦГИБ. Од 2010 година е насловен вонреден професор на Фармацевтскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во наставно-научната област фармакогенетика.

Била главен истражувач на  шест меѓународни и осум национални проекти, а како истражувач учествувала во 14 национални и 13 меѓународни проекти. Истражувањата раководени од проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска имаат посебен допринос за разјаснување на генетските основи на машкиот инфертилитет, карциномот на дојка, спонтаните прекини на бременоста како и повеќе ретки наследни болести. Во рамките на овие истражувања објавени се забележителни резултати во најпрестижни научни списанија кои допринесоа не само за препознатливост на ИЦГИБ, МАНУ како една од водечките институции во регионот и пошироко, туку и генерално, за издигнување и промоција на македонската наука во областа на биомолекуларните дисциплини.

Во рамките на инфраструктурниот проект “National Reference Centre for Genomics and Proteomics – MACPROGEN”, раководен од проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска, кој се изведувал од април 2009 до јуни 2012 година, а бил финансиран од Европската комисија во рамки на REGPOT програмата, набавена е најсовремена опрема од областа на геномиката и протеомиката која овозможи за прв пат во нашата земја да се воведат технологии како микроарејната, секвенционирање од втора генерација, дводимензионална диференцијална гел електрофореза и MALDI-TOF-TOF масената спектрометрија. Овој проект овозможи едукација на бројни истражувачки кадри, како и вработување на млади истражувачи во ИЦГИБ. Проектот имаше извонреден придонес за зајакнување на националните капацитети во современите  и престижни биомолекуларни области.

Проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска има објавено 152 научни публикации, од кои 126 публикации во списанија со фактор на влијание (просечен импакт фактор од 3.62), кои се цитирани 3300 пати (до март 2022). Композитниот h фактор на проф. Плашеска-Каранфилска изнесува 20. Таа е уредник на една книга од областа на генетиката, и коавтор на три поглавја во книги. Активно учествува на бројни научни и стручни меѓународни и национални конференции, симпозиуми, конгреси и работилници (со предавања, презентации и учество во организациски и/или научни комитети).

Забележителен е нејзиниот придонес во практичната примена на новите технологии од областа на современите биомолекуларни науки. Заедно со соработниците, таа вовела голем број на нови

молекуларни методи и протоколи за детекција на бројни наследни, малигни и инфективни болести. Сите овие методи се објавени во релевантни научни списанија, валидирани се и акредитирани и долги години се во рутинска употреба како во ИЦГИБ, така  и во  многу други лаборатории.

Учествува во додипломската, постдипломската настава и докторските студии на Фармацевтскиот факултет и Природно-математичкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Била ментор на осум докторанти, 12 магистранти и осум дипломци, а учествува и во едукација на специјализанти од Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет во рамки на специјализациите по клиничка и лабораториска генетика.

Проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска е уредник на меѓународното списание Balkan Journal of Medical Genetics (од 2011-), заменик уредник на Македонски медицински преглед (од 2016-), секторски уредник на The EuroBiotech Journal (од 2016-) и член на Уредувачкиот одбор на списанието Genetics and Applications (2017-денес).

Била член на повеќе експертски групи и советодавни тела од областа на науките, и тоа: работната група на UNESCO-ROSTE за истражувачки инфраструктури (2001-2004), експертската група на НАТО од областа на хемија, физика и биологија (2004-2006), советот за научноистражувачка дејност при Министерството за образование и наука (2005-2007),  комисијата за ретки болести при Министерството за здравство (2009-2010, 2022-), стручната комисија од областа на науката и образованието за доделување на државната награда „23 октомври“ (2013), Управниот одбор на Европското здружение за хумана генетика (European Society of Human Genetics- ESHG) (2014-2019), научниот комитет на COST (2015-2021), експертскиот тим на EMQN (2019-) и Управувачкиот одбор на ORPHANET (2020-). Таа е претседател на Македонското здружение за хумана генетика, избран иден претседател на Македонското здружение на медицински уредници, член на Европското здружение за хумана генетика и член и координатор за Македонија во European Biotechnology Thematic Network Association.

Во 2021 година проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска е избрана за член на Academia Europaea, а во 2022 за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Библиографија