Датум на раѓање:
24.07.1972
Место на раѓање:
Skopje
Членство во МАНУ:
дописен член, 30.03.2022
Институции:
Факултет за електротехника и информациски технологии при Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје
Област на работа:
Телекомуникации / телекомуникациско инженерство

Биографија

Зоран Хаџи-Велков е роден на 24 јули 1972 година во Скопје.

Дипломирал (1996 год.), магистрирал (со награда за најдобра теза, 2000 год.) и докторирал (2003 год.) на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Со научен степен доктор на технички науки се стекнал со одбрана на докторската дисертација со наслов „Придонес кон анализата на перформансите и дефинирањето на оптималните работни параметри на безжични локални мрежи“. Се вработил на ФЕИТ/УКИМ веднаш по дипломирањето како помлад асистент, потоа е унапреден во асистент (2001 год.), доцент (2003 год.), вонреден професор (2008 год.), а од 2013 година до денес е редовен професор во наставно-научната област телекомуникации (телекомуникациско инженерство) на истиот факултет.

Од октомври 2012 до јануари 2014 година бил визитинг-професор на Универзитетот „Фридрих Александар“ во Ерланген/Нирнберг, Германија.

Oд 2012 до 2016 година бил Уредник во едно од најпрестижните меѓународни списанија од телекомуникации, IEEE Communications Letters. Бил член во технички и програмски одбори на голем број меѓународни конференции од телекомуникации, вклучувајќи ги и водечките светки конференции IEEE ICC и IEEE GLOBECOM.

Проф. Хаџи-Велков е добитник на Хумболтовата стипендија за искусни истражувачи, доделена од страна на германската државна научна фондација „Александар фон Хумболт“ како признание за важен придонес во науката. Добитник е на наградата „Најдобар научник на УКИМ“ за 2013 година. По препорака на Германската национална академија на науки „Леополдина“, од 2014 година д-р Хаџи-Велков е претставник на Македонија од редот на истакнати научници во научниот сегмент на Берлинскиот процес, кој подготвува препораки за хармонизација на високото образование и науката во државите од Западен Балкан со Европската Унија.

Во текот на својата академска кариера, д-р Хаџи-Велков се усовршувал преку научни и студиски престои на повеќе познати универзитети и истражувачки центри: Политехнички универзитет во Торино, Италија (1998 год.); Универзитет во Лил, Франција (1999 год.); Институт за телекомуникации во Еври – Париз, Франција (2000 год.); ИБМ истражувачки центар „Ватсон“, Њујорк, САД (2001 – 2002 год.); Универзитет во Модена, Италија (2005 год.); Универзитет „Аристотел“ во Солун, Грција (2010, 2011, 2016 год.); Универзитет во Ерланген/Нирнберг, Германија (2017, 2018, 2019 год.);  Универзитет во Белфаст, Велика Британија (2015, 2016 год.); Универзитет „Жеџијанг“, Хангџо, НР Кина (2017 год.); Институт за акустика при Австриската академија за науки, Виена, Австрија (2017, 2018 год.); Универзитет „Џао Тонг“, Шангај, НР Кина (2017, 2019 год.).

Проф. Хаџи-Велков се бави со научни истражувања во научното поле телекомуникации (телекомуникациско инженерство), со потесна специјалност во областите: теорија на телекомуникации, безжични и мобилни комуникации, и безжичен пренос на енергија и информација.

Проф. д-р Зоран Хаџи-Велков е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на 20-тото Изборното собрание на МАНУ одржано на 30 март 2022 година.

Библиографија