Датум на раѓање:
15.6.1963 год
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана во 2022 година.
Институции:
Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје
Област на работа:
македонистика, палеославистика, етнолингвистика

Биографија

Лилјана Макаријоска е родена на 15.6.1963 год. во Скопје, каде што ги стекнува основното и средното образование. Во 1986 год. дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, група за Mакедонски јазик еднопредметна, а во учебната 1987/1988 се запишува на постдипломски студии по Македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје и ги завршува со одбрана на магистерскиот труд под наслов Јазичните особености на Радомировиот псалтир (со посебен акцент врз фонетиката и морфологијата) во 1993, а докторската дисертација под наслов Девербативните именки во македонските црковнословенски ракописи од XII до XVI век (образување и семантика) ja одбранува во 1999.

Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ е вработена од 1987, а до денес е ангажирана на проектот Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција (од 2004 е главен истражувач); во периодот од 2000 до 2003 год. е главен истражувач на проектот Лексиката на материјалната култура во македонските црковнословенски текстови; од 2003 до 2005 год. е соработник на проектот Орбелски триод, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, под раководство на Е. Црвенковска; во 2009 на проектот Поимник на македонски зборови од областа на информатичката терминологија на Министерство за информатичко општество при Владата на РМ. Во 2012 год. е вклучена на Меѓународниот проект Византиските културни и јазични модели кај јужните Словени: рецепција и трансформација, под раководство на Е. Црвенковска.

Во 2013 учествува во работата на проектот Дигитализација на текстот на Охридскиот апостол од картотеката на Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција; во 2013 и 2014 во работата на Правописот на македонскиот јазик, додека од 2019 до 2021 е вклучена во работата на проектот Целокупни дела на Блаже Конески на МАНУ, под раководство на акад. К. Ќулавкова.

Своите трудови Макаријоска ги објавува во македонскиот научен печат, но и во зборници и списанија во странство: Slavia, Riječ, Slovo, Opera Slavica, Balkanistica, Filologija, Croatica et Slavica Iadertina, а тие главно се од областа на: историската лексикологија, историското зборообразување, на македонскиот јазик од XIX век и на современиот македонски јазик од лексиколошки, лексикографски, стилистички и етнолингвистички аспект, на македонската фразеологија, на јазикот на современата

македонска литература. Има објавено 320 научни трудови, од кои 38 книги, што се цитирани и во трудови од афирмирани лингвисти, палеослависти. Дел од научниот опус на Макаријоска е достапен на профилот https://ukim.academia.edu/LiljanaMakarijoska.

Макаријоска има презентирано 160 реферати на научни собири во земјата и во странство: Хрватска, Србија, Босна, Бугарија, Албанија, Чешка, Словачка, Русија, САД и др. Учествува во работата на 20-ина организациски одбори на меѓународни научни собири, член е на Програмско-организацискиот одбор на манифестацијата 2008 – Година на македонскиот јазик, член на работната група за изработка на ИКT-лексиконот при Министерството за информатичко општество на Р Македонија (2008/2009), претседател на работната група за подготвување на Водич за стил (Style Guide), Поимник, проверка на поимникот, преведување за Корпорацијата Микрософт (Microsoft Corporation) во 2009/2010 год.

Таа држи предавања на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, координатор е на XXXIV научна конференција на Семинарот, а го води и Курсот по старословенски јазик (2006, 2008).

            Во периодот од 2006 до 2010 год. Макаријоска е директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, претседател на Советот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (2001 – 2004), член на Советот за македонски јазик при Министерството за култура (2008 – 2011), член на Советот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (2000 – 2010), член на Македонскиот национален славистички комитет (2003 – 2020), член на Комисијата за зборообразување (2000 – 2003), член на Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет (2006 –) и на Комисијата за лексикологија и лексикографија (2018 –).

Макаријоска е редовен професор на втор циклус студии по Македонистика со комуникологија по предметите: Методологија на лингвистичките и антрополошките проучувања; Зборообразување, Историско зборообразување на македонскиот јазик, Јазикот и средновековната култура, Историска лексикологија,  како и на трет циклус студии-докторски студии по Македонистика по предметот: Историска лексикологија и семантика.

Член е на уредувачкиот совет на реномираното хрватско списание Slovo (Staroslavenski institut, Zagreb), како и на годишникот Славянская историческая лексикология и лексикография (Институт лингвистических исследований, РАН).

Рецензент е на десетина монографии во земјата и на повеќе монографски изданија во странство, на пр.: изданијата: L. Nakaš, Divoševo evanđelje (2018); M. Kardaš, Kopitarovo četverovanđelje (2020), на трудовите за повеќе странски списанија: Slovo, Filologija (Zagreb), Fluminensia (Rijeka), Knjizevni jezik (Sarajevo).

Членува во повеќе редакциски одбори, пр. на списанијата Литературен збор (2000 – 2003), Кирилометодиевистика (2014 –), на Македонски јазик како одговорен уредник (2003 – 2010 и 2014 – 2017).

Макаријоска е добитник на Плакета на Универзитетот во Риека за унапредување и развој на високо-образовниот процес и хрватско-македонската научната соработка,  Благодарница од Министерството за информатичко општество за значаен придонес во изработка на Поимник на македонски зборови од областа на информатичката терминологија, Мicrosoft Local Language Program Congratulates for outstanding

Библиографија