Академик Слободан Перовиќ (Слободан Перовић) е роден на 10 септември 1932 година во Прокупје. Дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1956, каде и докторирал во 1963 година.
Член е на повеќе национални академии на науки (Словенија, Црна Гора, Република Српска) како и на Меѓународната академија за компаративно право со седиште во Париз.
Претседател е на Научното друштво на Србија кое тој го основал во 1969 година и кое брои 118 членови научни авторитети од различни области на научни дисциплини.
Акад. Слободан Перовиќ е претседател на Сојузот на здруженијата на правниците на Србија и на Република Српска (порано претседател на Здружението на правниците на Југославија), организација која има значајна улога во правниот живот не само во Србија туку и пошироко.
Основач е на Копаоничката школа на природно право и претседател на Здружението на копаоничката школа на природното право (Universitas iuris naturalis Copaonici), која од 2005 година е под покровителство на УНЕСКО.
Ја извршувал функцијата претседател на судот на Србија и Црна Гора од неговото основање во 2004 година, до престанокот на државната заедница во јуни 2006 година.
Акад. Слободан Перовиќ е долгогодишен арбитер на меѓународни арбитражи, институционални и повремени арбитражи во областа на стопанските и трговско-правните односи.
Тој е претседател на Комисијата за изработка на Граѓански законик на Република Србија. Исто така, претседател е на Одборот за полагање правосуден испит на Министерството за правда на Србија.
Акад. Слободан Перовиќ е носител на бројни странски повелби и признанија доделени од страна на правнички асоцијации и академии на правото. Како основан на Копаоничката школа тој е добитник на признанието од Правниот факулет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Академик Слободан Перовиќ е редовен професор на Правниот факултет во Белград од 1977 година. Матичен предмет му е облигационото право. Toj е долгогодишен шеф на Катедрата за граѓанско право и претседател на бројни факултетски и универзитетски тела. Toj е редовен гостин на предавањата на додипломските и на постдипломските студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и на правните факултети во други држави на Југоисточна Европа.
Акад. Слободан Перовиќ е автор на повеќе книги, учебници, монографии, научни студии и повеќе стотици трудови објавени во домашни и во странски изданија од областа на граѓанското право, компаративното право и филозофијата на правото. Голем број од тие дела се објавени на француски, германски, англиски, унгарски, полски и на македонски јазик. Најважни книги објавени во областа на граѓанското право се: Облигационо право; Општа теорија на договорите, Формалните договори во граѓанското право; Забранети договори; Ретроактивност на законите и на другите општи акти; Договорот како акт на моралната и на правната цивилизација; Природното право во Општиот имотен законик за Кнежевината Црна Гора и др. Во областа на филозофијата на правото и компаративното право, главни дела му се: Правно-филозофски расправи; Природното право и судот; Судска независност – пролегомена; Човековите права како достигнување на школата на природното право; Човековите права и судиската независност; Правдата и стекнатите права; Ргоlongatio iuris naturalis; Културата на законитост и природното право; Моќта на природното право; Неминливоста на хексагонот на природното право; Природното право како мерка на светскиот поредок; Декларација на Копаоничката школа на природното право и др.
Професор Перовиќ е главен уредник на списанијата „Правен живот“ и “Scientific Review”, на Зборникот на трудови „Актелни прашања на современото законодавство“ и член е на повеќе редакции на одделни правни изданија. Раководи со бројни научни проекти. По прашање на едициите значајни правни публикации се издвојуваат: Енциклопедија на имотното право (1978 год., три тома), како еден од трите главни редактори; Коментар на законот за облигационите односи (1995 год.) како главен редактор; Класици на југословенското право, едиција во три кола со вкупно 17 книги.
Во областа на создавањето на правото професор Перовиќ бил член на законодавни одбори, комисии и совети, особено Правниот совет на Југославија и Законодавно правната комисија на Собранието на Србија. Неговата законодавна активност особено се огледа во решенијата на Законот за облигационите односи кои, со помали измени, и денес важат во Србија и во сите поранешни републики на СФР Југославија.
Од 2006 година акад. Перовиќ е претседател на Комисијата за изработка на Граѓански законик на Република Србија.
Со вкупниот опус во областа на правото академик Слободан Перовиќ влијаеше на развојот на правната теорија и практика и по тој основ стекна извонреден научен авторитет во поранешна Југославија и пошироко. Учествувал на научни конференции во Македонската академија на науките и уметностите и во викообразовните институции и асоцијации.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.