Датум на раѓање:
8 ноември 1924
Место на раѓање:
Брисел
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2006
Институции:
Кралската академија на науките, на литературата и на уметностите на Белгија
Област на работа:

Биографија

Академик Филип Роберт-Џонс (Philippe Roberts-Jones во науката; Philippe Jones во литературата) е еминентна фигура на современата белгиска култура, познат поет, прозен автор, историчар на уметноста, универзитетски професор и јавен деец.
Роден е на 8 ноември 1924 година во Брисел. За време на Втората светска војна е припадник на Тајната белгиска армија која се бори за ослободување на земјата од окупаторот. Кон крајот на 1944 и во почетокот на 1945 година, кога линијата на фронтот минува низ Белгија, тој е офицер за врска со британската армија.
Од 1946 до 1950 година студира историја на уметност и археологија на Слободниот универзитет во Брисел, со повремени престои на Универзитетите во Харвард и Салцбург. По дипломирањето специјализира во Париз, во Кабинетот за естампи на Националната библиотека. Во 1955 година докторира на Слободниот универзитет во Брисел со теза за француската карикатура помеѓу 1860 и 1890 година. Во 1957 година е избран за доцент на Слободниот универзитет во Брисел, на Катедрата за историја на уметноста. На истата катедра станува вонреден (1959), а потоа и редовен професор (1962). На овој Универзитет ja создава (1969) Катедрата за современа уметност.
Паралелно со дејностите сврзани со задолженијата на универзитетски професор, Филип Роберт -Џонс раководи со Кралскиот музеј на убавите уметности во Брисел. Како директор на овој Музеј – една од најзначајните установи од овој вид во Европа – тој во рамките на оваа стара и мошне угледна институција го обновува и го проширува (1974) Музејот на старата уметност и на уметноста на XIX век, а потоа го создава (1984) и Музејот на современата уметност.
Филип Џонс е мошне значаен белгиски поет и раскажувач. Се јавува во литературата со збирката песни „Ноќен патник“ во 1947 година и до денес има објавено повеќе од 20 збирки поезија.
Поетските книги на Филип Џонс се преведени и објавени на шпански, романски, бугарски, англиски и германски јазик. Во 2004 година објавен е на македонски избор од поезијата на овој поет под наслов „Басна или шума“. Во 2005 година Филип Џонс учествувал на Струшките вечери на поезијата.
Филип Џонс објавил и пет книги раскази, а во 2005 година се објавени и неговите избрани дела во два тома „Поезија“ и „Раскази“.
За своите дела од областа на белетристиката добил повеќе значајни награди, помеѓу кои се незаобиколни: Наградата на Крал­ската академија на францускиот јазик и литература во Белгија за кни­гата „Љубовта и други лица“, Големата награда за ширење на француската култура што ja доделува Француската академија и Големата награда за поезија што, исто така, ja доделува Француската академија.
Како историчар и критичар во областа на ликовните уметности Филип Роберт-Џонс објавил голем број книги кои се одликуваат со извонредна студиозност во пристапот и мошне широка ерудиција употребена при осветлувањето на проблемите, а како историчар на уметноста и директор на Музејот на убавите уметности во Брисел замислил и организирал повеќе големи изложби: „Векот на Бројгел“ (1963), „Векот на Рубенс“ (1965), „Сликари на имагинарното. Белгиските симболисти и надреалисти“ (1972) и др.
Во 1974 година Филип Роберт-Џонс станува дописен член на Кралската академија на науките, на литературата и на уметностите на Белгија, за веќе следната година да стане нејзин редовен член. Во 1980 година избран е за нејзин претседател, а по истекот на мандатот за постојан почесен секретар на Академијата.
Во 1986 година станува член на Француската академија (РInsti­tut de France). Од 1989 година член е на Академијата Маларме (Париз), а од 1996 година член на Европската поетска академија (Луксембург). Филип Роберт-Џонс е почесен член на Романската академија (1997) и на Луксембуршката академија (1996) и надворешен член на Холандската академија (1985).
Потпретседател е на белгискиот ПЕН клуб и еден од двајцата главни уредници на реномираното поетско гласило “Journal des poetes”.
Bo Белгија Филип Роберт-Џонс е носител на повеќе високи одликувања, помеѓу нив – на Големиот крст на Редот на Круната и Голем офицер на Редот на Леополд. Во Франција е одликуван со Легија на честа и именуван за Командор на Редот на уметноста и литературата. Од Шпанија го добил одликувањето Командор на Редот на Изабела, од Италија – Командор на Редот на заслуги за Италијан­ската Република, од Финска – Голем офицер на Редот на Лавот на Финска.
Како признание за севкупните заслуги на сите полиња на кои се одвива неговата дејност Филип Роберт-Џонс е именуван, во 1988 година, од Кралот на Белгија за барон.
Филип Роберт-Џонс има извонредно голем придонес за влегувањето на Македонската академија на науките и уметностите во Меѓународната унија на академии. На 72-то генерално собрание на оваа светска организација, одржано во 1998 година во Брисел, на кое беше поставен на дневен ред приемот на МАНУ во редовно членство, делегацијата на Атинската академија го оспори правото на МАНУ, по­ради познатиот спор околу името, да биде примена под официјалниот назив. Како постојан понесен секретар на Кралската академија на Белгија, и како постојан понесен секретар на Меѓународната унија на академии, Филип Роберт-Џонс го вложи сиот свој авторитет и сиот свој углед, кој широко ги надминува европските размери, во одбрана на правото на МАНУ да биде примена под нејзиното вистинско име и Македонската академија ja доби заслужената сатисфакција – со огромно мнозинство беше избрана како рамноправен член на ова значајно меѓународно тело.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.