Датум на раѓање:
21.03.1931
Место на раѓање:
с. Гарниково
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1996
Институции:
Институтот за старословенска култура, Прилеп
Област на работа:
Филолошки, книжевноисториски и историски науки

Биографија

Акад. Блаже Ристовски е роден на 21 март 1931 година во с. Гарниково, Кавадаречко. Гимназиското образование го завршува во Кавадарци и во Прилеп (1950). Во 1955 година дипломирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје (Група за историја на книжевностите на народите на СФРЈ со македонски јазик).
Со научноистражувачка работа почнува да се занимава по запишувањето на студиите, а првиот истражувачки труд го објавува во тогашниот орган на Катедрата за јужнословенски јазици „Македонскијазик“. Како редовен студент, бил главен уредник на месечното списание „Народно   здравје“ и шеф на Отсекот за печат во Институтот за здравствено просветување во Скопје (1953–1955). По отслужувањето на воениот рок и едногодишното професорување во Кавадарци (1956/57), се враќа во Скопје и работи како јазичен редактор на Радио Скопје (1957-1961).
Избран е за лектор за македонски јазик и предавач за македонска литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (1961-1966), а ги води и предавањата по македонски јазик и литература на Педагошката академија во Марибор (1965-1966).
По одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – животот и делото“ (1965) е избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје (1966). Го покренува и го уредува списанието „Македонски олклор“ (1968-1978). Основач е и претседател на биеналниот Меѓународен симпозиум за балканскиот фолклор во Охрид (1968-1978). Организира успешна теренска собирачка дејност на македонските народни умотворби (на македонски и на јазиците на малцинствата), a ja конципира и издавачката дејност на Институтот за фолклор.
Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја 1977-1991), каде што го раководи Тимот за културната историја и потоа Балканолошкото одделение. Избран е за прв потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија (1991–1992), а до пензионирањето е научен советник во Институтот за старословенска култура (1993-1995).
Акад. Блаже Ристовски бил член на редакциите на списанието „Etnologia Slavica“ (Братислава), „Demos“ (Берлин), „Народно стваралаштво – Folklor“ (Белград), „Погледи“, „Современост“, „Гласник“ на ИНИ, „Прилози“ на ОЛЛН на МАНУ (Скопје) и др.
Како истражувач на македонската литературна, јазична и национална историја и на фолклорот во Македонија, има објавено повеќе од 80 книги за развитокот на македонската културно-национална мисла и над 1300 статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во странство. Издадени му се „Избрани дела во 10 тома“ (2011-2016), а како главен редактор ја објави и првата национална „Македонска енциклопедија“ (I-II, 2009).
Научностражувачките интереси му се движат во неколку тематски релации и ги зафаќаат спецификите на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската културно-национална мисла до нејзината конечна афирмација; ја проучува историјата на македонскиот писмен и литературен јазик, литературната историја и фолклорот. Монографски ги истражува и ги афирмира културно-националните дејци од XIX и XX век: Крсте П. Мисирков, Димитрија Д. Чуповски, Наце Д. Димов, Ѓорѓијa М. Пулевски, Петар Д. Драганов, Марко К. Цепенков, Кочо Рацин, Никола Ј. Вапцаров, Васил Икономов, Тодор Чопов и др. Во неговите трудови донесува нова документарна фактографија и научна аргументација и со аналитички и критички пристап кон изворите и литературата и претстави на научната јавност низа пројави, настани н процеси и цела плејада заслужнипрофили од македонското културно-национално минато. Коавтор е на пет учебника по историја за основното и средното образование.
Бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата нафолклористите на Југославија и прв потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967); член на Републичката комисија за културни врски со странство, потпретседател на Друштвото на универзитетските наставници и научните работници на СРМ, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет итн.
Во два наврата бил едносеместрален гостин-професор пo македонски јазик, историјa и цивилизација на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (Сорбона III) во Париз (1986 и 1992).
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988, а за редовен член на 20 јуни 1996 година. Избран е за редовен член и на Академијата на педагошките и општествените науки во Москва (1993).
Добитник е на наградата „11 октомври“ за својата прва книга „Крсте П. Мисирков“ (1966); признание за славистичките истражувања „Пушкин“ од претседателот на Руската Федерација; златен медал за научни истражувања од Националната академија на науките на Украина (2012) и златен медал од ректорот на Харковскиот национален универзитет (2012).

Почина на 28 ноември 2018 година.

Библиографија