Датум на раѓање:
05.03.1936
Место на раѓање:
Охрид
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1996
Институции:
Редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Скопје – историја на уметноста (средновековна и византиска уметност); Странски член на Српската академија на науките и уметностите (од 2003 година); дописен член на Црногорската академија на науките и уметностите (од 2007 година); почесен доктор на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Софија и почесен доктор на Универзитетот „Шевченко” во Киев
Област на работа:
Историја на уметноста (средновековна и византиска уметност)

Биографија

Акад. Цветан Грозданов е роден на 5 март 1936 година во Охрид. Уште како ученик во гимназијата „Климент Охридски“ во Охрид во летните месеци се вклучувал во работата на конзерваторската екипа за чистење на фреските во катедралата „Св. Софија“ во Охрид. Студирал на Филозофскиот факултет во Белград, група историја на уметноста, каде што во 1961 година дипломирал. Неговиот дипломски труд „Новооткриени средновековни портрети во Охрид“ испитната комисија го оценила со најможна висока оцена и го предложила за објавување (Зборник за ликовна уметност, бр. 2, Нови Сад).

По дипломирањето акад. Цветан Грозданов бил на специјализација по средновековна и византиската уметност на Филозофскиот факултет во Белград кај акад. проф. С. Радојчиќ и проф. В. Ј. Ѓуриќ, како стипендист на Владата на СРМ. По отслужувањето на воениот рок работел како кустос во Народниот музеј во Охрид. Тогаш почнува со систематско собирање на документацијата за средновековниот живопис во Македонија и работи врз топографијата на сакралните споменици во југозападна Македонија, особено во Струшко, Дебарско и Преспа.

Во учебната 1966/67 година користел стипендија на француската влада и бил на усовршување по историја на византиската уметност кај проф. А. Грабар во College de France во Париз. Во 1966 година е еден од организаторите на монументалната изложба „Словенската писменост 1050 година од смртта на Климент Охридски“. Во 1969 година е избран за асистент по историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Скопје. На факултетот во Белград ја одбранил својата докторска дисертација „Охридското ѕидно сликарство од 14 век“. Во 1980 година е избран за вонреден, а во 1985 година за редовен професор на истиот факултет.

Освен на Филозофскиот факултет во Скопје акад. Грозданов предава средновековна уметност и на Факултетот за ликовна уметност. Имал и повеќе должности и функции во општествените тела од доменот на науката и културата, како и на Универзитетот. Бил министер за култура во првата влада на Република Македонија избрана од плуралистичкото Собрание (1991/92 г.).

Во изминатите три децении акад. Цветан Грозданов исполнува интензивна научноистражувачка работа. Настапува на бројни научни собири во земјата и во странство, неговите трудови се објавувани во научните зборници во Скопје, Белград, Загреб и др. држи предавања за средновековната уметност во повеќе градови во Југославија, на Коларчевиот народен универзитет и Центарот за култура во Белград,  центрите за култура во Загреб, Сплит, Мостар, Суботица и др. Со свои предавања настапувал во Париз (УНЕСКО) во Академијата на науки во Прага, на универзитетите во Солун, Истанбул, Рим, Неапол, Софија. На XVIII меѓународен конгрес на византолозите во Москва му е поверено воведно излагање на тркалезната маса „Југословенските светци во православната иконографија“.

Академик Цветан Грозданов е автор на повеќе од 300 библиографски единици објавени на македонски и други јазици во домашни и странски стручни и научни списанија. Тој има откриено повеќе средновековни ансамбли на фрескоживописот на Македонија и има идентификувано повеќе историски личности претставени во старата уметност на Балканот. Во целокупниот опус на акад. Цветан Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред се во ликовната уметност, почнувајќи од св. Кирил и Методиј и св. Климент Охридски пa сé до XIX век. Научноистражувачката дејност на акад. Грозданов во најголем дел го опфаќа проучувањето на живописот од средниот (9–14 и подоцниот среден век 15–18) во Македонија и во соседните балкански седишта. Неговата работа во голем дел е заснована врз теренските проучувања што ги вршел во повеќе балкански региони, пред сé во Македонија и Света Гора. Неговите соопштенија секогаш се пропратени со исцрпна научна апаратура и со познавање на најновите резултати за византиската уметност во светот. Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува е мошне широк и ги опфаќа спомениците од времето на св. Климент Охридски, Самоиловата држава, Охридската архиепископија до времето на Преродбата. Тематски проучуваната материја опфаќа неколку подрачја. Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и поучувањето на портретите на св. Кирил и Методиј и нивните ученици – св. Климент, св. Наум, св. Горазд, св. Сава, св. Ангелариј (познати како Седмочисленици). Во овој широк тематски блок проф. Грозданов ги проучува и портретите на сите светци кои имаат примарен или основен култ меѓу Македонските Словени се до крајот на 18 век. Посебен дел претставува неговата синтеза на охридскиот фрескоживопоис од 14 век. Не помало значење имаат и неговите откритија на непознати или малку познати споменици на средновековната уметност, како и студии за други споменици од централна и југозападна Македонија.

За својата научна дејност акад. Грозданов има добиено поголем број награди („11 Октомври“, „13 Ноември“ – награда на град Скопје, „13 Ноември“ – награда на гр. Охрид и др.) и одликувања (во 1975 год. по повод одбележувањето на 150 години од формирањето на Матица Српска, доделен му е сребрен медал за неговата соработка во Годишникот – Зборник за ликовни уметности, Нови Сад, потоа Орден „Св. Владимир Велики“ за поучување на ликовните врски меѓу Русија и Македонија од Синодот на Руската православна црква во 1988 год. и Сина лента на VI. конгрес за балканологија и Југоисточна Европа). За монографијата „Свети Наум Охридски”, акад. Цветан Грозданов е добитник на највисоката награда за наука во Република Македонија „Гоце Делчев“ (1996). Друштвото на интелектуалците „Духовни конаци“ на Македонија во 2005 година му ја додели наградата „Велја кутија“ за книгата „Уметноста на Западна Македонија во XIX век“ (2005). Украинската академија на науките, акад. Цветан Грозданов го одликува со признанието „Златна фортуна“. На академик Грозданов, Бугарската академија на науките му го додели највисокото одликување (медал) „Марин Дринов“. Во 2003 година е одликуван со медал на Државниот институт за стратегиски истражувања од Република Турција Во 2005 година е избран за член на Здружението на европските интелектуалци.

Во 2003 год. е избран за странски член на Српската академија на науките и уметностите, а во 2007 год. за дописен член на Црногорската академија на науките и уметностите. Во 2004 год. е промовиран за doctor honoris causa historicae scientiae (почесен доктор на историските науки) на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, Бугарија и истата година за doctor honoris causa (почесен доктор) на Универзитетот „Тарас Шевченко“ во Киев, Украина.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 мај 1991 година, а за редовен член е избран на 20 јуни 1996. Во периодот од 2004 до 2007 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметности.

Библиографија