• Email

    gligor@iunona.pmf.ukim.mk

Датум на раѓање:
17.07.1945
Место на раѓање:
с.Нистрово, Гостиварско
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2006
Институции:
Редовен професор во пензија на Природно-математичкиот факултет
Област на работа:
Хемиски науки (структурна хемија)

Биографија

Акад. Глигор Јовановски е роден на 17 јули 1945 година во с. Нистрово, општина Гостивар. Основното училиште го завршил во Маврово, а Педагошка гимназија во Скопје. На Природно-математичкиот факултет во Скопје (студии по хемија) дипломирал во 1969 година, магистрирал во 1974 година на Природословно-математичкиот факултет во Загреб каде што и докторирал во 1981 година. Од 1971 година е постојано вработен во Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, минувајќи ги сите наставно-научни звања – од асистент до редовен професор. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година.
Акад. Јовановски држел настава по предметите Структура на атоми и хемиска врска, Структура на молекули и по Кристалохемија на додипломските студии и по предметите Методи за испитување на цврсти супстанци и Методологија на научно-истражувачката работа на постдипломските студии на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје. За одбележување е дека за првпат ги осмислува и воведува предметите Кристалохемија (на додипломските) и Методи за испитување на цврсти супстанци (на постдипломските студии). Во неколку наврати, при анкетирањето на студентите, акад. Јовановски бил посочуван и избиран за најдобар професор на Институтот за хемија при ПМФ.
Основната научна преокупација на акад. Глигор Јовановски е структурната хемија, при што своите резултати ги постигнува, речиси подеднакво, со примена на кристало­графски и на спектроскопски методи, честопати збогатени со теориски разгледувања. Тој е истакнат кристалограф (школуван во светски познатиот центар во Загреб) и активен спектро­скопист, комбинација што е ретка не само кај нас туку и во светот.
Акад. Глигор Јовановски е автор или коавтор на 204 трудови, од кои 186 научни трудови објавени во педесетина реномирани светски списанија со фактор на влијаниe (меѓу кои и Journal of the American Chemical Society, Angewandte Chemie, Journal of the Chemical Society – Chemical Communication, Structural Chemistry, Solid State Sciences, Inorganic Chemistry, Current Organic Chemistry, Crystal Growth and Design, Journal of Materials Science, Acta Crystallographica B, Vibrational Spectroscopy, Journal of Raman Spectroscopy, Spectrochimica Acta A). Објавил и 18 стручни трудови. Покрај тоа, на научни манифестации акад. Јовановски, во соработка со постари и помлади соработници, презентирал 220 соопштенија, секциски или пленарни предавања, (130 на собири во странство), а одржувал предавања и на странски универзитети. Досега учествувал во изработката на 45 научноистражувачки проекти, (13 се меѓународни), од кои на три меѓународни и осум домашни бил и раководител. Бил учесник и во два проекта за унапредување на образованието. Објавил пет монографии, еден универзитетски учебник и два универзитетски практикума. Рецензирал десетина средношколски учебници и стотици трудови за околу 20 реномирани интернационални научни списанија со фактор на влијание и за 4 домашни списанија.
Макар што работел на истражувања на различни системи, две различни главни линии на истражување го карактеризираат научниот опус на акад. Јовановски.
Според бројот на објавени трудови, а и одгласот што го имале тие, на прво место се истражувањата на сахаринот и неговите соли и деривати, како и на сродното соединение тиосахарин. Имено, 88-те статии објавени од Јовановски и соработниците во разни светски списанија посветени на структурните аспекти на хемијата на сахаринот, тиосахаринот и нивните соли и деривати, чинат значителен дел од вкупниот број на објавени трудови во светот посветени на оваа проблематика.
Во следната голема група од 62 труда на акад. Јовановски се презентирани резултатите од изучувањето на минералите од Македонија, од кои некои се исклучителна реткост во светски размери. Истражувањата на ова поле се пионерски, затоа што прв пат се пристапува кон систематско структурно испитување на минералите од нашата земја. Со спектроскопски и дифракциони методи, со атомска апсорпциона спектрометрија и со други методи досега се изучени околу 90 минерали најдени во Македонија, при што крајната цел на овие комплексни студии била да се издаде монографија што ќе ги содржи структурните и минералошките карактеристики на минералите од Македонија, а и да се направи што е можно покомплетна минералошка збирка. Монографијата е веќе објавена во 2012 година, а збирката од минерали изложена во просториите на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет (со околу 500 примероци) е најкомплетна во Македонија, Во меѓувреме поставена е и збирка на минерали од Македонија и во Македонската академија на науките и уметностите (околу 100 примероци) со висока естетска вредност.
Останатите 35 научни трудови на акад. Јовановски се однесуваат на структурни и спектроскопски изучувања на разни други неоргански, метал-органски и органски соединенија, односно на фармацевтски препарати.
Големиот степен на цитираност на резултатите од научната работа на акад. Јовановски (според Web of Science – Cited Reference Search, бројот на цитати на трудовите на aкад. Јовановски е околу 2200), покажува дека неговите трудови се широко познати и имаат влијание врз научната мисла во областа на структурната хемија – онаа во која тој работи. Тоа, од друга страна, зборува не само за реномето што тој го има како научен работник, туку и за реномето на Македонската академија на науките и уметностите. Акад. Јовановски досега бил ментор на две докторски дисертации, на пет одбранети магистерски труда и на повеќе дипломски работи, при што за одбележување е дека дури и резултатите од дипломските работи чиј ментор е aкад. Јовановски речиси секогаш се објавувани во реномирани меѓународни списанија.
Престојувал околу 5 години на странски универзитети (4 години на Универзитетот во Загреб и околу 1 година на Универзитетот во Упсала), а има остварено и два покуси престои на универзитетите во Зиген и во Софија. Член е на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, на Хрватската кристалографска асоцијација, потоа на Европската кристалографска асоцијација и на Интернационалната унија за кристалографија. Добитник е на Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, потоа на државната награда “Гоце Делчев” и на повеќе други признанија.
Акад. Јовановски, покрај другото, бил декан и продекан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, раководител на Институтот за хемија и раководител на постдипломските студии на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје, секретар на Одделението за природно-математички и биотехнички науки при МАНУ, како и член на Претседателството на МАНУ.
Бил главен уредник на Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија. Во моментов е главен уредник на Прилози МАНУприродно-математички и биотехнички науки, потоа член на уредувачките одбори на две меѓународни списанија од областа на структурната хемија (Chemical Sciences Journal и International Scholarly Research Notices Analytical Chemistry), како и член на Издавачкиот совет на списанието Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering.

Библиографија