Акад. Владимир Серафимоски е роден на 3 јуни 1948 година во Гостивар, каде што завршил основно и средно образование. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1971 год. По завршување на четвртата година од студиите бил испратен во Полска (Варшава), каде што ја изведувал задолжителната практична работа no хирургија на II хируршка клиника. Својот работен век го започнува во Здравствениот дом во Скопје. По приемот на Клиниката за гастроентерохепатологија добил решение за специјализација по интерна медицина и активно се вклучува во научно-истражувачката работа. Во 1977 год. е избран за помлад асистент, а во 1981 година за асистент на Катедрата за интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Редовен професор е по предметот интерна медицина.
Уште како млад асистент од Стручниот колегиум на Клиниката за гастроентерохепатологија добива задача да ја воведе рутинската ехотомографија во абдоминалната дијагностика. Испратен е во Париз, Амстердам, Нирберг и Филаделфија на професионална едукаинја и постдипломско усовршување. Во 1983 година ја брани докторската дисертација на тема „Ехотомографски придонес во дијагностиката и диференцијалната дијагностика на опструктивниот иктерус“. Рутинската ултрасонографија како дијагностичка метода прв ја воведува на просторите на поранешна Југославија и на Балканот. Во оваа област е пионер. Дијагностичката ултрасонографија претставува насочена биопсија водена под ултразвук на црниот дроб, на панкреасот, на слезенката, на ретроперитоенеалните лимфни јазли, на бубрезите и на другите структури во абдоменот. При тоа се биопсираат патолошки структури на овие органи и се добива парче за хистолошка анализа, со што се добива егзактна дијагностика. Клиниката за гастроентерохепатологија на која бил и одреден период и директор, претставувала референтен центар за едуцирање на кадри од оваа област, особено од поранешна Југославија.
Акад. Владимир Серафимоски престојувал во повеќе центри во светот, и тоа: Амстердам, Ротердам, Париз, Нирнберг, Филаделфија, Сан Диего, Копенхаген, Лондон и како резултат на тие престои ја воведува интервентната ултрасонографија во поранешните простори на СФР Југославија и во нашата земја. Со тоа тој ги воведува следниве терапевтски процедури, дренажи на апсцеси на црниот дроб, на панкреасот, на жолчното кесе, на бубрезите и другите органи во абдоменот; дренажи на проширени билијарни патишта; поставување на билијарни протези и многу други манипулации кои го скратуваат времето на дијагностицирање и на лекување на гастроентерохепатолошките болни.
Акад. Серафимоски во нашава земја ја воведува ендосонографијата, која во денешно време е незаменлива за одредување на стадиумот на туморите на хранопроводот, желудникот, колонот и панкреасот. Изведувачот на оваа метода мора многу добро да ги познава ендоскопијата и ехотомографијата, бидејќи методата е синтеза на двете техники. Интерпретацијата на резултатите од оваа метода е многу тешка и одговорна работа, бидејќи со неа се одредува степенот. на операбилноста на болниот. Исто така ги воведува доплер и колор доплер ултрасонографијата и интраоперативната ултрасонографија.
Акад. Серафимоски, кој е во пензија, работел на Клиниката за гастроентерохепатологија и бил редовен професор на Катедрата по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Под негово менторство се изработени и одбранети 5 магистерски труда и 5 докторски дисертации.
Носител е на бројни научноистражувачки проекти.
- Црнодробен канцер во Република Македонија, 1989-1991,
- Канцерот на желудникот во Република Македонија, 1992-1994,
- ХБВ инфекција кај циротичните болни , 1995-1997,
- The role od H. pylori virulence (Vac A and CagA protein ) in the pathogenesis of chronic gastritis and peptic ulcer disease in correlation with the local and sistemic immune response. Prof. D-r Howard Steer, Sauthempton–General Hospital U.K. and Prof. D-r Vladimir Serafimoski , Departement of Gastroenterohepatology, Clinical centar, Skopje, R. Macedonia,
- Serological markers of Chronic infection with Hepatitis-B virus, Prof. D-r C.H. Schroeder, Dautshes Krebsforschungszentrum im Neuenheimen Feld 280, 69120, Heilderberg, Deutshland and Prof. D-r Vladimir Serafimoski, Departement of Gastroenterohepatology , Clinical centar Skopje, R. Macedonia ,
- Renal impairment in patients with Inflamatori Bowel Disease. Prof. D-r M.E. De Broe University Hospital Antwerpen –Belgium; P. Colombie Lille, France; Reigler-Napoli- Italy, Prof. D-r. V. Serafimoski, Skopje, Macedonia.
- Хепатитис С виртус вклучен сум во пректот кој е под раководство на Академик Ѓ. Ефремов и Академик М. Поленаковиќ.
Во моментов активно е вклучен во три научноистражувачки проекти.
Членува во повеќе научни друштва и асоцијации како:
- World organisation of Gastroenterology,
- European Society of Gastro-Intestinal Endoskopy,
- Assotiation of National European and Mediterranean Societies of Gastroenterology,
- International Gastro-Surgical Club,
- Здружение на Гастроентеролозите на Југославија;
- Здружението за ултразвук и медицина на Југославија;
- Здружение на хепатолозите на Југославија
Бил претседател е на Научното здружение на гастроентерохепатолозите на Македонија и организатор на три научни симпозиуми за ултразвук и на Меѓународниот хепатолошки симпозиум (1966). Од 1978 година на одделот за ултразвук со кој раководел престојувале на студиски престој, на усовршување или изработка на научни трудови над 50-тина специјалисти по интрна медицина, по гастроентерохепатологија, магистри и доктори на науки како од нашата земја, така и од странство. Од Република Македонија едуцирал специјалисти интернисти (30), како и од странство од Белград (5), Ниш (3), Лесковац (2), Врање (5), Тузла (2), Загреб (2), Косово (1) и Софија (1) .
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „Наградата 11 Октомври“, највисоко општествено признание за долгогодишни значајни остварувања во Република Македонија од областа на науката и образованието.
Акад. Серафимоски учествувал на бројни научни собири, конгреси и симпозиуми. Како професор по покана одржал над 40 предавања. Своето богато научно искуство го има презентирано во повеќе од 230 научни и стручни трудови објавени во странски и домашни списанија. Неговите трудови се објавени во реномирани списанија од областа на гастроентерохепатологијата, а особено во областа на ехотомографијата. Автор и коавтор е на повеќе изданија, и тоа: Ехотомографски пристап кон иктеричниот синдром, Гастроентерологија, Етиопатогенетска фармакотерапија на гастроентерохепатолошките заболувања и др. Од особена важност е изданието Пропедевтичка и клиничка гастроентерохепатологија, за која акад. Исак Таџер, меѓу другото, вели „мојата оценка е највисоко можна, посебно поради тоа што авторот научно и со знаење ја изложува материјата усвоена преку своето лично искуство со болниот човек“.
Бил член на Управниот одбор на Македонското лекарско друштво во еден мандат, Преседател на Здружението за ултразвук на Р, Македонија во два мандата, Председател на Научното здружение на гастроентерохепатолозите на Р. Македонија, член во Одборот за доделување на највисоки државни награди, Директор на клиниката за Гастроентерохепатологија. Во два наврати бил секретар на Одделението за медицински науки.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2000 година.