Биографија
Акад. Вера Битракова-Грозданова е родена на 19 јули 1939 год. во Охрид, каде го завршува гимназиското образование. Дипломирала во 1963 год. на Филозофскиот факултет во Загреб на Отсекот за археологија. Од 1963 до 1972 год. работи како кустос во Народниот Музеј во Охрид во Одделението за античка археологија. Од 1972 до 1975 год. работи како кустос по римска археологија во Археолошкиот Музеј во Скопје. Во 1972 год. ги завршува магистерските студии на Филозофскиот факултет во Загреб, на Отсекот за археологија, од областа на античката археологија на тема Ranokrščаnski spomenici Ohridske regije, а во 1984 год. на истиот факултет во Загреб одбранет е докторат на тема Spomenici helenističkog razdoblja na tlu SR Makedonije (кај академик Дује Рендиќ-Миочевиќ). Од 1975 год. до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија по предметите: Историја на уметноста на старите народи, Класична археологија и Античка археологија на Балканот. Од 1978 до 1997 год. предава Историја на уметноста на старите народи на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Студиски престои реализирала во Париз, Франција, во 1967 и во 1993 год., на Институтот за уметност и археологија (Institut d’art et d’archeologie – Universités de Paris), и на Факултетот во Безансон (Faculté des letters et sciences humaines -Beasançon); во 1979 год. во Германија, како гостин на Институтот за стара историја и археологија, при Берлинската академија (Akademie der Wissenchaften der DDR – Zentralinsitut für Alte Gechischte und Archaeologie); во 1980 год. во Бугарија, како гостин на Историскиот факултет во Софија – Траколошко одделение; во 1980 год. во Албанија, како гостин на Албанската академија на науките – Институт за археологија (Académie des Sciences d’Albanie – Institut d’archаéologie).
Во Грција има подолг престој во 1968/69 год. како стипендист на Грчката влада, а во 1982 год. како гостин на Министерството за култура. Главно работи во Француската школа на Атина (École française d’Athènes), во Националната и во Генадион библиотеката; во 1999 год. престојува во Атина како гостин на Француската археолошка школа.
Учествувала во повеќе археолошки ископувања; Данило кај Шибеник (1959–1962), Мулине на островот Углјан (1959), во Стоби (1963, 1974), во Скупи (1971) во Тетово (1979), во Дебреште кај Прилеп (1965), во Охрид на поликонхалната црква на Плаошник (1960–1963). Акад. Вера Битракова-Грозданова реализирала и повеќе самостојни ископувања: во Охрид – на некропола на ул. Илинденска (1966), на поликонхалната црква на Плаошник (1964–1966), на базиликата кај Студенчишта (1968) на Кале – Самоилова тврдина, (1995/6, 2000), на тврдината и некрополата кај Дебој (2000); во Струга на некрополата и на Калето кај Делогожда (1979–1984, 2007), на базиликата кај Октиси – Св. Никола (1990–1992), на некропола кај Октиси (1998), на базиликата кај Ташмаруништа – Св. Мартинија, (1999–2001), на некрополата кај Добовјани (1998); во Кратово (1988); во Преспа извршила истражувања на населбите кај Претор (1967), Крани (1990), Наколец (2002) и на островот Голем Град (1967, 1968, 1980–1984, 1992–1994, 1998–2008).
Научниот интерес ѝ е насочен кон проучување на занаетчиството (керамографијата, јувелирството, тореутиката), на верувањата и уметничкото творење, како и урбаните процеси во антиката. Во особен придонес се вбројуваат и истражувањата од ранохристијанската археологија.
Во периодот 1998–2002 год. е член на Одборот за возобновување на црквата Св. Климент – Св. Пантелејмон, како надзор за ископувањата и конзервацијата на архитектонските објекти и член на Конкурсната комисијата за избор на архитектонскиот проект за реконструкција на светиот објект, а од 2007 год. е научен консултант на ископувањата на Плаошник и член на Одборот за возобновување на „Свети Климентовиот универзитет“ на Плаошник во Охрид. Главен уредник на списанието Macedoniaе аcta аchaeologica (Скопје) e од 1988 до 1996 год., член на Советот на меѓународниот истражувачки центар во Пула и член на Уредувачкиот одбор на списанието Histria Antiqua (Пула) од 1994 до 2011 година.
Акад. Вера Битракова-Грозданова е автор на повеќе од 150 научни трудови; организатор и учесник е на многубројни меѓународни научни собири.
Акад. Вера Битракова Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија: на наградата „Гоце Делчев“ како врвно републичко признание за обемната студија „Спомениците од хеленистичкиот период во СР Македонија“ во 1988 год, на престижната европска награда Herder–Preise, доделена од Универзитетот во Виена според фондацијата Alfred Toepfer Stiftung F. V. S., во 1999 год, за достигнувања во науката од сферата на историјата на уметноста и ранохристијанската археологија, како и за запознавањето на светот со спомениците од Македонија, на Републичката награда „Климент Охридски“ во 2007 год. за достигнувања во областа на културата. Георгиевски медал Golden Fortuna „Чест, Слобода, Труд“ за 2003 год. ѝ е доделена од International Academy Rating of Popularity од Киев. Во 2004 год. доделена ѝ е “Spomenica“ од Меѓународниот истражувачки центар за археологија, Медулин, Пула за унапредување на културната и научната соработка од областа на археологијата. Во 2013 год. Нумизматичкото друштво „Паионон“ ѝ доделува Плакета за развојот на нумизматиката во Р. Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 27 мај 2009 година.