• Email

    gbayram@manu.edu.mk

Датум на раѓање:
17.03.1943
Место на раѓање:
Приштина
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2012
Институции:
Област на работа:
Академски сликар

Биографија

Акад. Газанфер Бајрам е роден во 1943 година во Приштина. Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1967 завршил Виша педагошка школа во Приштина. Од 1967 до 1971 работел како наставник по ликовно воспитување во основното училиште со настава на турски јазик „Тефејуз“ во Скопје. Во 1974 година завршил  Академија за ликовни уметности во Белград во класата на акад. Младен Србиновиќ. Истата година се запишува на постдипломски студии (на Академијата во Белград) на Отсекот за монументално сликарство под менторство на проф. Божа Продановиќ и пом завршените студии се стекнува со звањето магистер.
Специјализира фреско-сликарство и мозаик. Како стипендист на италијанската влада бил на двогодишна специјализација на Отсекот за мозаик на Академијата за убави уметности во Равена (1981–1983). Во 1983 година се враќа во Скопје и од 1985 година работи како професор во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Ги предавал предметите: Теорија на форма и боја; Декоративно писмо; Цртање; Акт и Сликарски техники.
Од 1983 до 1990 година е ангажиран како сценограф и костимограф во повеќе театарски претстави во театрите во: Скопје, Куманово, Штип, Битола и надвор од Македонија, во Дубровник, Риека, Бања Лука. Работел и како сценограф на телевизиски емисии на МТВ.
Има учествувано на бројни самостојни изложби во земјата: Струмица, Битола, Охрид, Скопје, Велестово, и во странство: Рим, Истанбул, Анкара, Нацано и на групни изложби, како во земјата, така и во странство: Мелбурн, Рио де Жанеиро, Викторија дел Спирито Санто, Смолен, Софија, Равена, Рим, Орфорд, Лефкоша, Комрат, Сроково, Варшава, Краков, Белград, Нови Сад, Врање, Пирот, Газиантеп, Денизли, Истанбул, Мерсин, Сапанџа, Анкара, Брачано, Нацано, Волос, Атина, Солун и на други места.
Автор е на неколку монументални мозаици: „Мостот“ (1997), заедно со мозаичарот Паоло Ракањи од Равена (Италија), МОБ – Скопје; шесте мозаици во салата на Собранието на Република Македонија (1999); „Икаров лет“ (2000), мозаик во ВИП-салонот на аеродромот во Скопје; „Четири елементи – универзум“ (2015), подарок за МАНУ, како и на неколку мозаици: „Портокалов цвет 1“, „Портокалов цвет 2“, „Танчерка“, „Мелихат“ и тродимензионалните мозаици „Гнездо“ и „Олтар“ во највисоката резиденцијална кула „Портакал чичеги“ во Анкара, Турција. Неговите дела се наоѓаат во галерии и во приватни збирки во Македонија и во Австралија, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада, Молдавија, Полска, САД, Србија, Турција, Франција и др.
Има богата меѓународна активност преку учество и организација на бројни ликовни колонии во земјата и во странство. Како долгогодишен, од 1985 година, активен член во AIMC (Associacione Internazionale Mosaicisti Contemporanei) – Меѓународна асоцијација на современите мозаичари, со седиште во Равена (Италија),  остварил учество на шест меѓународни конгреси во организација на оваа асоцијација за мозаик од кои едниот и самиот го организира – десеттиот конгрес во Скопје (2006).
Учествувал со предавања и водел работилници за мозаик на повеќе универзитети – на Филозофскиот факултет во Скопје, Универзитетот во Битола/ Охрид, на Универзитетот во Едрене и на Универзитетот во Измир. Учествувал и во неколку меѓународни работилници за заштита на мозаичното културно наследство во Македонија, како и во меѓународен проект за заштита на мозаиците во Хераклеја.
Поради особени заслуги и долгогодишен значаен придонес во областа на културата, во 2004 година е добитник на наградата „11 Октомври“, во 2006 година на наградата „Нерешки мајстори“  што ја доделува ДЛУМ, во 2004 година ја добива годишната награда на Советот на Општина Струмица за посебен придонес во негувањето и развојот на мозаичната уметност во Струмица, како и годишната награда на Здружението на турските медиуми во Македонија за придонес во уметноста на турската заедница во Македонија.
Член е на ДЛУМ од 1983, Член е на AIMC и на Извршниот одбор на оваа асоцијација во повеќе мандати, на Европско друштво за култура, S.E.C. (Societé Europeene de Culture) со седиште во Венеција, на асоцијацијата Mosaico Oggi во Рим и основач и претседател на Здружението на мозаичари од Скопје.Членувал во уметничкиот совет на колонијата во Денизли, Турција, во Кичевската ликовна колонија и е претседател на колонијата во Сапанџа, Турција. Основач е на Одделот за мозаик во рамките на Меѓународната струмичка ликовна колонија.
За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година. Од 2016 е секретар на одделението за уметност при МАНУ.

Библиографија

Уметнички дела на акад. Газанфер Бајрам