• Email

    skedev@mt.net.mk

Датум на раѓање:
06.07.1962
Место на раѓање:
Штип
Членство во МАНУ:
Дописен член, 2015
Институции:
Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Област на работа:
Интерна медицина; кардиологија

Биографија

Доп.член Сашко Кедев е роден на 6 јули 1962 година во Штип, каде завршил основно и средно образование. Студиите на Медицинскиот фалкутет во Скопје ги завршил во 1986 година, а од 1989 година работи на Клиниката за кардиологија. Mагистрирал во 1990 година на тема „Ефекти од рана интравенозна тромболиза при акутен миокарден инфаркт“. Во периодот од септември 1991 до октомври 1993 година престојувал на стручно усовршување во Националните институти за здравје на САД, во Бетезда, (National Heart, Lung and Blood Institute; National Institutes of Health) на проекти од областа на молекуларната кардиологија. За време на престојот во САД ги положил сите нострификациони медицински испити и се стекнал со лиценца за работа во државата Мериленд. Во 1995 година положил специјалистички испит по интерна медицина; во 1999 година е промовиран во Fellow of European Society od Cardiology, а во 2001 година се стекнал со звањето европски кардиолог. Во периодот од 1999 до 2002 година бил директор на Институтот за срцеви заболувања на Клиничкиот центар Скопје.
Во 2001 година е избран за насловен доцент по предметот интерна медицина на Медицински фалкутет Скопје. Vо 2003 е избран за визитинг професор на Универзитетот на Северна Каролина, The Carolinas Heart Institute, NC, USA.
За вонреден професор по предметот интерна медицина е избран во 2008 година, а од 2013 година е избран за редовен професор по интерна медицина на Медицински фалкутет во Скопје.
Од 2006 година е директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника за кардиологија. Од неговото вработување во Клиниката за кардиологија активно учествува во воведувањето на современите тераписки пристапи во лекувањето на коронарната артериска болест, посебно акутниот миокарден инфаркт. Главен истражувач е на проектот „Примена на фибринолитичната терапија кај акутниот миокарден инфаркт“, од што произлегува и неговата магистерска тема, одбранета 1990 година. Учествува во работата на Лабораторијата за ангиокардиографија и во Центарот за електростимулација при Клиниката за кардиологија, при што покажува посебен интерес за примената на интервентните процедури (коронарна балон-ангиопластика и стентирање) кај пациенти со коронарна артериска болест на срцето.
Од ноември 1996 до август 1997 година работел во Ospedali Riunidi di Bergamo, Италија, на екстезивна практична програма во интервентната кардиологија, и тоа: интракоронарно стентирање и примена на новите „imaging“ техники: интракоронарна ангиоскопија и интракоронарен ултразвук. Во 1998 година ја одбранил докторската дисертација под наслов Примарна корнонарна ангиопластикапри акутен миокарден инфаркт на Медицински факултет во Скопје, со што се воведува ова живнотно спасувачка процедура во рутинска пракса.
Од 2003 година го има воведено трансрадијалниот пристап во дијагностички и интервенти васкуларни процедури. За првпат има изведено каротидно стентирање во 2002 година по трансфеморален пат, а од 2006 година има воведено рутински трансрадијален пристап при каротидно стентирање, со досега најголема светска серија од над 850 процедури.
Искуствата се публицирани и презентирани на голем број светски собири, со повеќе демострации во живо, како поканет оператор (Tolouse, France; Brussels, Belgium; Ahmedabad, Pune, New Delhi, Lucknow, Cochi, Chenai, Kanpur India; Nanjing, China; Moscow, Rostov, Russia; Colombo, SriLanka; Dakha, Bangladesh; Belgrad, Srbija; Sofia, Bugaria, Esfahan, Iran).
Од 2009 година ги има воведено техниките на интравскуларен ултразвук (IVUS), оптичка кохеретна томографија (OCT) и инвазивно испитување на фракциска резерва на коронарниот проток (FFR). Во 2012 година ги имплатира првите биоресорбтивни васкуларни скафолди (стентови), како и транскатетерска ренална денервација во третманот на малигна артериска хипертензија. Ротациската атеректомија ја вовел во 2013 година. Првата балон валвулопластика на аорталнота валвула, како и првите транскатетерски имплантации на аортлална валвула кај пациенти со тешка aортна стеноза во Македонија ги извел во 2014 година, а година потоа и балон vалвулопластика на пулмоналната стеноза. Во 2015 година ги вовел техниките на имплантирање на TVAR и EVAR протези кај пациенти со дисекција и/или анеуризма на торакална и абдоминална анеуризма.
Доп.член Кедев во својата наставна активност во текот на из­минатите 20 години е познат како мошне успешен педагог. Редовно учествува во изведувањето на додипломската настава по предметот интерна медицина за студентите на Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Учествувал во постдипломстата настава по медицински науки каде предавал одбрани поглавја од кардиологијата. Тој одржува постдипломска настава за специјализанти по интерна медицина и по кардиологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Успешно ја води континуираната едукација на интервентни кардиолози од Клиниката за Кардиологија, од останатите центри во Р. Македонија, како и од странство (Словенија, Хрватска, Ро­манија, Србија, Индонезија, Австрија, Канада, Костарика, Јужна Африка).
Доп.член Кедев редовно учествува во испитните комисии за специјалистички, субспецијалистички испити, одбрана на докторати и магистериуми. Бил ментор на три успешно одбранети магистерски труда и еден докторат. Моментално раководи со изработка на 3 докторати од областа на кардиологијата. Уште во почетокот на неговата работа на Клиниката за кардиологија се вклучува во изработка на научни и стручни трудови. Неговата стручна и научна и публицистичка дејност може да се види од списокот на објавени научно-стручни трудови, поглавја во книги и публикации.
Автор и коавтор е во изработката на над 200 научни и стручни трудови, објавени во релевантни списанија од областа на кардиологијата. Голем дел ги има реферирано на еминентни меѓународни конгреси и симпозиуми како поканет предавач. Автор е на поглавја во 7 меѓународни книги по интервентна кардиологија, каде се презентирани иновативни техники и методи: трансра­дијален и трансулнарен пристап кај акутен коронарен синдром и при каротидно стентирање.
Од 2010 е избран за FACC – Fellow of the American College of Cardiology, а во 2016 за FSCAI – Fellow of the Society of Cardiac Angiography and Intervention.
Како поканет Reviewer учествува во изработката на официјалните препораки: 2014 ESC/EACTS Guidelines on myocardial revascularization: The Task Force on Myocardial Revascularization of the European Society of Cardiology (ESC) and the European Association for Cardio-Thoracic Surgery (EACTS); 2015 European Society of Cardiology (ESC) Guidelines for the management of acute coronary syndromes in patients presenting without persistent ST-segment elevation, како и на 2016 ESC/EAS Guidelines for the management of dyslipidaemias.
Доп.член Сашко Кедев раководи повеќе проекти од областа на кардиологијата, учествува во повеќе интернационални клинички студии и активно членува во многубројни меѓународни стручни асоцијации.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2015 година.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.

Библиографија