Во рамки на најновиот јавен повик на Министерството за образование и наука за финансирање на научноистражувачки проекти од национален интерес, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) доби поддршка за реализација на два проектa. Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ ќе го анализира „Владеењето на правото во функција на еконосмки раст и развој“ под раководство на акад. Владо Камбовски и главен истражувач доц. д-р Елена Мујоска Трпевска а Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦГИБ) „Георги Ефремов“ ќе работи на „Национален геномски пристап за ретки болести: од истражување до дијагноза и превенција“ под раководство на акад. Александар Димовски и доп.член проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска, како главен истражувач.

Проектите се резултат на конкуренција заснована на научна извонредност, релевантност и потенцијал за влијание врз стратешките развојни приоритети на државата. Со нив, МАНУ активно се вклучува во унапредување на научноистражувачката дејност, особено во доменот на општествените науки и хуманистиката, придонесувајќи кон креирање политики засновани на докази и интердисциплинарна анализа на комплексни општествени процеси.

Министерството за образование и наука потпиша договори за финансирање на 40 научно-истражувачки проекти со државни факултети, научни институти и МАНУ. Од нив, 15 проекти се од природно-математичките науки, инженерството и технологијата, медицинските и здравствените науки како и од земјоделските и ветеринарните науки. Исто толку проекти се од општествените и хуманистичките науки. За прв пат оваа година, се финансираат 10 проекти од областите кои со Стратегијата за паметна специјализација се утврдени дека имаат висок иновациски, истражувачки и економски потенцијал: паметното земјоделство и храна со повисока додадена вредност, ИКТ технологиите, електромашинската индустрија и одржливите материјали и паметни згради.

Проектите беа одбрани на јавен конкурс, вкупниот износ за финансирање по проект изнесува до 8 милиони денари, а истражувачките тимови треба да ги завршат до крајот на октомври 2026 година.

Министерската за образование и наука Весна Јаневска рече дека ова е трет конкурс по кој се одобруваат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, што јасно ја покажува насоката кон која сакаме да ја придвижиме државата.

Претходно, Министерството за образование и наука одобри и средства за пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот во рамки на паметната специјализација на државата, во вкупен износ од 30,4 милиони денари.

Минатата недела беа склучени договори со осум јавни научни установи за финансирање на научно-истражувачки проекти, во вкупен износ од 23,7 милиони денари. Оваа година Министерството за образование и наука издвои буџет од 680 милиони денари за финансирање на наука, што е речиси двојно зголемување во споредба со Буџетот од 2024 година.

ИЗВОР