++389 (0)2 32 35 400

Библиотека

Библиотеката е стручна единица на Академијата која набавува, обработува и чува библиотечни материјали, помага во унапредувањето на научната и уметничката дејност на Академијата, врши размена на изданијата на Академијата со другите академии и научни институции во земјава и странство, врши библиотечно-библиографска дејност, собира и средува материјали за научната и уметничката дејност на членовите на Академијата.

Библиотеката на Македонската академија на науките и уметностите располага со околу 168.000 единици, од кои 57.000 монографии и 110.000 броеви на списанија и весници. Бројот на наслови на списанија и весници изнесува вкупно 1.500, од кои 200 домашни и 1.300 странски.

Работата на Библиотеката ја раководи Библиотечен одбор, составен од членови на МАНУ, кој дава општи насоки за нејзината работа, ја контролира и ја насочува набавната политика и др.

Библиотеката врши размена со 450 институции од земјата и од странство. Околу две третини од годишниот  прилив на книги во Библиотеката се добиваат по пат на размена.

Набавката се базира, пред сè, врз комплетирање на научни прирачници (енциклопедии, лексикони, речници и др.), капитални дела од светската наука и уметност, материјали од научните собири во земјава и странство, домашни монографии и набавка на домашни и странски списанија.

Од 2007 година Библиотеката е членка на библиотечно-информативниот систем COBISS (www.cobiss.net). Податоците за книгите набавени за фондот на Библиотеката од 2007 година наваму се пребарливи во електронскиот каталог на Библиотеката.

Книгите не се издаваат надвор од Библиотеката.

Библиотеката е отворена за корисници од понеделник до петок од 8:00 до 14:30 часот.

Тел:  ++389 (0)2 32 35 400
Факс:  ++ 389 (0)2 32 35 500;  32 35 501

library@manu.edu.mk

Архив

Архивот е стручна единица на МАНУ основан заедно со Академијата. Во него се собираат, чуваат, обработуваат, заштитуваат и обезбедуваат за користење архивски материјали создадени при работата на Академијата, од нејзините членови како и од институции и поединци значајни за науката и уметноста.

Основната намена и функција на Архивот на МАНУ е да служи за истражувања од областа на науката, културата и историјата, првенствено за членовите на Академијата и нејзините научноистражувачки центри но и за останатите домашни и странски научни истражувачи при соодветни институции од областа на науката, културата и уметноста.

Работата на Архивот ја раководи Архивски одбор составен од академици кои ги претставуваат одделенијата на Академијата. Надлежноста на Архивот на Академијата се протега низ целата територија на Република Македонија и е единствен архив кој е самостоен и е надвор од обединетата мрежа на Архивите на Македонија.

Архивот ја стекнува граѓата по пат на: отстапување, наследство, подарок, откуп, депонирање и по друга правна основа. Поради неговата намена и функција, Архивот на МАНУ во најголем дел содржи лични фондови на академици и други личности од вонредно значење за историјата, науката и културата во Македонија како и на друштва и институции од разни периоди, потоа Mатична архива на МАНУ како и разни збирки, проекти и сл.

Архивските материјали се главно од XIX и од XX век а најстариот е кириличен ракопис од XV век. Содржински се поврзани со проучувањето на историјата, книжевноста, етнологијата, фолклорот, јазикот, уметноста, сликарството, архитектурата, музичкото творештво, правото, економијата, медицината, хералдиката, биологијата итн.

Архивот располага со богат библиотечен фонд (лични библиотечни фондови), како и со нови ракописи, стари и ретки книги, микрофилмови, магнетофонски ленти, видеокасети, повелби и плакети, музикалии, архивалии, збирка фотографии и збирка уметнички слики и предмети.

Архивот е отворен за корисници од понеделник до петок од 8:00 до 14:30 часот.

Тел: ++389 (0)2 32 35 530
Факс: ++389 (0)2 32 35 531

arhiv@manu.edu.mk