НАУЧЕН СОБИР ПОСВЕТЕН НА КРСТЕ П. МИСИРКОВ

МАНУ, 15 јуни 2021, 9:30 ч.

Покана и програма за настанот.

На 15 јуни 2021 година, на платото пред МАНУ, во рамките на Научниот собир посветен на Крсте П. Мисирков, се одржа промоција на изданието Преродбата и по неа (Григор Прличев / Димитрија Чуповски), приредено од акад. Катица Ќулавкова. Ова издание е составено од два дела – зборници на трудови од свеченитe собири: „190 години од раѓањето на Григор С. Прличев“, одржан на 4 март 2020 год. во МАНУ (http://manu.edu.mk/свечен-собир-по-повод-190-години-од-раѓањ/), и „Димитрија Чуповски (1878–1940) и Македонското научно-литературно другарство во С.-Петербург (1902–1917)“, одржан на 28 октомври 2020 год. во МАНУ (http://manu.edu.mk/свечен-собир-димитрија-чуповски-1878-194/). И двата зборника содржат поздравни обраќања на акад. Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, како и воведни текстови на акад. Катица Ќулавкова, раководител на Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ. Во првиот дел, посветен на Григор Прличев, поместени се уште пет научни текстови на истакнати автори и тоа: Витомир Митевски, Марјан Марковиќ, Димитар Пандев, Александра Ѓуркова и Анастасија Ѓурчинова. Во вториот дел, посветен на Димитрија Чуповски и Македонското научно-литературно другарство, покрај обраќањето на акад. Коцарев и воведната студија на акад. Ќулавкова, со свои текстови учествуваат и Билјана Ристовска-Јосифовска, Ганка Цветанова и Драги Ѓоргиев. Техничкото уредување на изданието е на Давор Јанкулоски, додека јазичната редакција – на Бојан Петревски. Дизајнот на кориците е на Тони Васиќ, а преводот на англиски – на Јасмина Илиевска Марјановиќ.

Промотор на изданието беше акад. Витомир Митевски.

Содржината на оваа публикација е следната:

  1. Зборник на трудови од свечениот собир по повод „190 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ГРИГОР С. ПРЛИЧЕВ“
  2. Љупчо Коцарев: Поздравен говор при отворањето на собирот
  3. Катица Ќулавкова: Параметрите и парадоксите на македонскиот идентитет во 19 век, низ призма на делото на Григор С. Прличев
  4. Витомир Митевски: Ликот на Кузман во „Сердарот“ на Г. Прличев и византискиот епски херој
  5. Марјан Марковиќ: За некои дијалектни особености во говорот на Григор Прличев од 1866 година
  6. Димитар Пандев: Поетот Прличев и архимандритот Антонин
  7. Александра Ѓуркова: Прличевиот дар на словото
  8. Анастасија Ѓурчинова: Прличев како преведувач од италијански јазик

 

  1. Зборник на трудови од свечениот собир „ДИМИТРИЈА ЧУПОВСКИ (1878–1940) И МАКЕДОНСКОТО НАУЧНО-ЛИТЕРАТУРНО ДРУГАРСТВО ВО С.-ПЕТЕРБУРГ (1902–1917)“
  2. Љупчо Коцарев: Обраќање при отворањето на собирот
  3. Катица Ќулавкова: Македонската нишка и парадигмата на МНЛД во С.-Петербург: Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски
  4. Билјана Ристовска-Јосифовска: Македонското научно-литературно другарство (1902‒1917) во основите на македонската академска култура
  5. Ганка Цветанова: Крсте Петков Мисирков
  6. Драги Ѓоргиев: Културната мобилизација и македонското научно и литературно другарство (1902)

 

 Фотографии од настанот: