Деновиве реномираната издавачка куќа LAMBERT Academic Publishing ја објави на англиски јазик книгата на акад. Таки Фити Macoeconomic og Big Crises-The Great Depression, The Great Recession and The Great Lockdown (Макроекономија на големите кризи – Големата депресија, Големата Рецесија и Големото затворање).
Книгата ги содржи истражувањата на авторот на проблематиката на краткорочните економски флуктуации – бизнис-циклусите, со посебен осврт на феноменологијата на длабоките рецесии – големите кризи. Во овој контекст, опстојно се анализирани трите големи кризи: Големата депресија од 1930 – тите години, Големата рецесија од 2008 година и Кризата условена од Ковид – 19 од 2020 година. Бизнис-циклусите, вклучувајќи ги тука и големите кризи, се централна тема во модерната макроекономија. И покрај силниот напредок на макроекономијата по Втората светска војна, останува фактот дека нејзината обмислувачка и предвидувачката моќ, особено кога станува збор за големите кризи, е слаба. Тоа особено се однесува на предизвиците на макроекономистите и на креаторите на политиките во барањето на нови решенија за зголемување на ефективноста на клучните политики (фискалната и монетарната), за превенција на кризите и за полесно справување со нивните последици. Факт е дека големите кризи имаат потенцијал да предизвикаат ново обмислување на круцијални економски концепти и хипотези. Овие и други прашања поврзани со начинот на кој функционираат економиите се детално анализирани на примерот на трите големи кризи. Во книгава се елаборирани и импликациите од Големата рецесија и од Кризата условена од пандемијата со Ковид-19 врз македонската економија и дадени се сублимирани лекции за креаторите на економските политики во Северна Македонија за дејствување во време на големи кризи.
Овој тип на публикации, LAMBERT Academic Publishing, преку Amazon.com и More Books, ги дистрибуира до најголемите книжарници во глобални рамки.