На 7.7.2020 г. во 10:30 часот на платото пред МАНУ се одржa промоција на четири капитални изданија за македонскиот јазик.
На иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, од печат излегоа делата: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од IX век, па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“ кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти. Сите овие дела се поставени и во дигитална форма на главната страница на МАНУ.
На промоцијата, воведна реч имаше претседателот на МАНУ, акад. Љупчо Коцарев, а книгите ги промовираа акад. Катица Ќулавкова, проф. д-р Снежана Велковска, проф. д-р Димитар Пандев и доп. член Марјан Марковиќ.
Со излегувањето на овие значајни изданија за македонскиот јазик и со заедничката промоција, македонската лингвистичка средина се обедини за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика.
Програмата за настанот можете да ја погледнете овде.
Фотографиите од настанот: