Присуството на претставници на МАНУ на 12 Конгрес на Меѓународната асоцијација за источно – европски студии (L’Association internationale d’études du Sud-Est européen – AIESEE одржан во Букурешт од 2.09. до 6. 09 2019 година, беше искористено за средба на претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити и на дописниот член на МАНУ проф. д-р Драги Ѓоргиев, со претседателот на Романската академија на науките акад. Јон – Аурел Поп и потпретседателот на Романската академија на науките акад. Разван Теодереску. На средбата присуствуваше и амбасадорот на Република Северна Македонија во Романија, г. Габриел Атанасов, кој за време на посетата осигури сестрана логистика за македонските претставници на Конгресот.
На средбата, двајцата претседатели на академиите дадоа сублимиран пресек за историјата на двете институции, за нивната организациска поставеност, за начинот на функционирање и за постигнатите резултати. Присутните на средбата се согласија дека Договорот за научна соработка меѓу Македонската академија на науките и уметностите и Романската академија на науките претставува широка и флексибилна рамка за понатамошно интензивирање и диверсифицирање на соработката во областа на науките и уметностите и дека нема потреба од негово актуелизирање – тој автоматски се продолжува се додека академиите немаат забелешки на неговата содржина и начинот на кој се регулира соработката.
Акад. Фити и проф. д-р Драги Ѓоргиев нагласија дека досегашната соработка е извонредно успешна во рамките на размена на академици и научни работници од двете земји и во рамките на работењето на Меѓународната асоцијација за источно – европски студии, чии генерален секретар е токму актуелниот потпретседател на Романската академија на науките и член на МАНУ надвор од работниот состав, акад. Теодореску, но и дека е потребно да се испитаат можностите за иницирање на конкретни научноистражувачки проекти меѓу двете академии. По дискусијата на оваа тема, присутните се согласија:
Прво, да се направат напори во 2020 година да се осмислат една до две теми од различни области (посебно беа потенцирани областите историја, историја на уметноста и економија) за отпочнување на заеднички научен проект меѓу МАНУ и Романската академија на науките. Претседателот Поп укажа дека доколку се согласиме за заеднички проект, неговата реализација треба да ја регулираме со посебен договор. Акад. Фити го прифати ваквиот предлог, бидејќи тоа е вообичаена практика во научната соработка меѓу академиите.
Второ, со оглед на одличната и богата соработка на двете академии со Бугарската академија на науките, да се размисли и за покренување на трилатерален меѓународен проект со учество на трите академии.
На крајот на средбата претседателот Фити го покани претседателот Поп да ја посети МАНУ во текот на оваа или следната година. Поканата беше со задоволство прифатена.
Фотографии од настанот: