Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 17 август 2025 година, во 93-тата година од животот, почина акад. Сретен Перовиќ, член на МАНУ надвор од работниот состав.
 

Биографија

Академик Сретен Перовиќ  (Сретен Перовић), поет, критичар, историчар на литературата, театролог, драмски автор, преведувач, антологичар, публицист и енциклопедист, научен советник, е роден на 15 февруари 1932 година во Горња Горица (Подгорица). Виша реална гимназија завршил во Титоград во 1950, а Југословенска и светска книжевност на Филозофскиот факултет во Белград во 1956 година. Како поет се јавил уште на седумнаесетгодишна возраст, во 1949 година, и за првата објавена песна ja добил наградата на ЦКНО на Црна Гора. Првата стихозбирка Звуци и даљине ja објавил во 1951 година, во издание на Книжевниот клуб на студентите на Белградскиот универзитет. За време на студирањето бил коорганизатор и соработник на кратковечниот Студентски књижевни лист (1952), еден од покренувачите и уредниците на книжевната ревија Видици (1953), како и претседател на Книжевниот клуб на студентите на Белградскиот универзитет (1954).
По враќањето во Црна Гора работел како професор по книжевност во титоградското Средно техничко училиште (1956-1961); истовремено бил и главен уредник на списанието Сусрети (1957— 1962). Во титоградското издавачко-печатарско претпријатие „Графички завод“, од 1963 година бил уредник на повеќе едиции и одговорен уредник на едицијата „Луча” – антологиска библиотека на црногорската книжевност, во која во 80-тина томови се објавени најзначајните дела на класичната и на современата црногорска книжевност. Од 1975 до 1981 година, Сретен Перовиќ бил одговорен уредник и директор на Издавачката дејност НПО „Побједа, а потоа главен уредник, заменик директор (1981-1983) и директор (1983-1991) на Лексикографскиот завод на Црна Гора и главен уредник за областа култура во проектот Енциклопедија на Црна Гора. Бил главен уредник на Црногорската енциклопедија на Дукљанската академија на науките и уметностите.
Повеќе од три децении Перовиќ е постојан театарски критичар на „Сусрети“ и „Побједа“, а во тоа време интензивно се за­нимава и со преведување, главно на македонската поезија.
Во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, Перовиќ, како истакнат театарски и книжевен критичар, бил претседател на жирито за документарна програма на ЈУ-ТВ фестивал от во Порторож, како и член или претседател на жирито на Фестивалот на мали и експериментални сцени (МЕС) во Сараево и Стерииното позорје во Нови Сад.
Перовиќ објавил неколку десетини свои книги, од кои 15 збирки лирска поезија. Неговата поезија е преведена на триесеттина јазици и претставена во бројни домашни и странски антологии. За своето книжевно творештво, Перовиќ е добитник на бројни награди, како и на најзначајните национални и високи меѓународни приз­нанија.
Повеќе од пет децении Перовиќ преведува македонска поезија. За успесите во преведувањето на најзначајните македонски поети на српско-хрватски и на црногорски јазик (дваесеттина книги), добил значајни признанија: тој е првиот добитник на наградата Злат­но перо, којашто во 1972 година му ja додели интернационалното жири на Меѓународната средба на преведувачите во Тетово, за пре­вод и препев на 5.000 стихови од Славко Јаневски во книгата Лукави Пејо Каинавелијски; звањето Понесен член на Друштвото на писа­телите на Македонија (2002); добитник на Почесното Рициново признание на 40-тите Рацинови средби во Велес, 2003; и високата интернационална награда Книжевно жезло (2004). Градоначалникот на Скопје му го предаде симболичниот клуч на Градот и го прогласи за Почесен граѓанин – поет на Скопје, во 2004 година. На собирот на Меѓународната организација Македонски духовни конаци, во 2006, во Струга, врачено му е високото признание „Духовен воин“.
Како долгогодишен претседател на Црногорскиот ПЕН центар, на домашен и на меѓународен план бил многу активен во одбраната на правата и интересите на Црна Гора, на црногорската култура и на обновената (Екуменска) Црногорска црква.
Перовиќ е втемелувач и актуелен претседател на Друштвото за црногорско-македонско пријателство и почесен член на повеќе институции, хуманитарни здруженија и невладини организации.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.