++389 (0)2 32 35 400
Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали е основан како научна единица на МАНУ во 1986 година. Основоположник на Центарот е акад. Јордан Поп-Јорданов. Во 2014 година Центарот е преименуван во Истражувачки центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР). Советот на Центарот е именуван од Претседателството на Академијата, по предлог на Одделението за технички науки, и се состои од шест члена на Академијата од работниот состав. Раководител на Центарот е акад. Глигор Каневче, при што во Центарот се вработени четири лица, односно еден научен советник, еден виш научен соработник и двајца научни соработници, а во работата на Центарот учествува и раководителот на Одделот за административно-техничка поддршка на одделенијата и на центрите на МАНУ, систематизирано работно место во Секретаријатот на МАНУ.
ИЦЕОР иницира, координира и реализира фундаментални и применети истражувања во научните подрачја од својот домен. Во изминатиов период во Центарот се изработени 95 научноистражувачки проекти, во чија реализација се вклучени и бројни со работници од земјата и од странство. Повеќе од половина од овие проекти се финансирани од странски извори, вклучително и Европските рамковни програми за истражување и технолошки развој (ФП6 и ФП7).
Покрај стриктно научни теми, беа опфатени и стратегиски проекти од национален карактер и витално значење за земјата:
- Две стратегии за развој на енергетиката во Република Македонија – едната за периодот од 2010 до 2030 година и втората за периодот од 2015 до 2035 година;
- Стратегија за искористувањето на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година;
- Програма за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија за периодот 2013–2017;
- Инвентар на стакленички гасови и анализи за ублажување на климатските промени во трите Национални извештаи за климатски промени и Првиот двогодишен ажуриран извештај за климатски промени;
- Аналитичка поддршка за утврдување на Националните придонеси кон климатските промени за Глобалниот договор од Париз 2015;
- Моделирање во енергетскиот сектор како дел од аналитичката и советодавна поддршка за зелен раст и климатски промени.
Во изминатите две децении истражувачите од Центарот објавија повеќе од 450 научни статии во меѓународни научни списанија, како и бројни трудови во монографии и зборници од меѓународни и домашни научни и стручни собири и остварија повеќе од 100 учества на научни собири во земјите на Европа, Америка и Азија. Дел од нив членуваат во уредувачки одбори на врвни меѓународни научни списанија и научни одбори на престижни конференции.
ИЦЕОР соработува со голем број странски научни институции во реализација на меѓународни проекти и е фокусна точка за Македонија на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), како и еден од основачите на Регионалната група за енергетско планирање и моделирање на енергетски системи во чиј состав влегуваат тимови од Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Србија и Хрватска. ИЦЕОР е препознатлив во меѓународната истражувачка заедница како еден од организаторите на Меѓународната научна конференција за одржлив развој на енергетски водни и околински системи (Седма SDEWES Конференција, Охрид, 2012 г., преку 250 учесници од 45 земји) и на Првата SDEWES Конференција за Југоисточна Европа (Охрид, 2014 г., преку 120 учесници од 32 земји). Центарот е седиште на Националниот комитет за климатски промени.
Повеќе информации за работата на Центарот може да се прочитаат на веб-страницата: iceor.manu.edu.mk