++389 (0)2 32 35 400

Центар за стратегиски истражувања

„Ксенте Богоев“

📍 Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ е формиран во 2000 година како научна организациска единица во рамките на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Со Центарот раководи редовен член на Академијата, а неговиот Совет го сочинуваат академици од различни одделенија и истакнати научници од академската заедница во земјата. Во тимот се вклучени научен советник, двајца виши научни соработници, соработник -истражувач и технички секретар, а Центарот располага и со широка мрежа на надворешни соработници, универзитетски професори и експерти од релевантните области, вклучени во проекти од стратешко значење за државата.

🎓 Фактот што Центарот „Ксенте Богоев“ делува како научна единица во рамките на МАНУ му обезбедува посебна академска тежина и легитимитет. Оваа позиција гарантира независност, непристрасност и академска слобода во истражувањето на теми од стратегиско значење за државата.

📌 Основните цели и задачи на Центарот вклучуваат:

  • реализација на национални и меѓународни научноистражувачки проекти од областа на општествените науки;
  • организирање на научни настани (конференции, симпозиуми, тркалезни маси, јавни расправи и сл.) што ги анализираат најважните општествени, економски, правни и безбедносни предизвици низ различни контексти;
  • соработка со други истражувачки центри на МАНУ, како и со релевантни институции од земјата и странство;
  • презентација на резултатите пред стручната и научната јавност преку публикации, јавни настапи и медиумска видливост.

🌐 Центарот „Ксенте Богоев“ гради долгорочни партнерства со истражувачки и академски институции од земјата и странство, особено во рамките на балканскиот и европскиот регион. Преку овие соработки, Центарот активно учествува во заеднички проекти, истражувања и научни размени, кои ја зајакнуваат неговата стручна позиција и овозможуваат вклучување во релевантни меѓународни научни текови.

🤝 Соработката со национални и меѓународни актери овозможува размена на искуства, компаративни анализи и развој на иновативни пристапи во истражувањето на стратешки прашања, со акцент на општествениот, економскиот и правниот развој на државата.

📊 Во изминатите години, Центарот „Ксенте Богоев“ иницираше и реализираше значаен број научноистражувачки проекти насочени кон прашања од стратешки интерес за Република Северна Македонија. Реализирани се десет опсежни истражувања, пет меѓународни конференции, како и голем број тркалезни маси, работилници и јавни презентации.

🔍 Истражувачката дејност на Центарот опфаќа широк спектар на теми: економија, право, евроатлантски интеграции (со посебен фокус на хармонизацијата на правниот систем со правото на Европската Унија), судски реформи, високо образование и наука, историја, политикологија, културна дипломатија, регионална соработка и демографски прашања. Резултатите од овие истражувања се објавуваат во сопствени изданија и се доставуваат до релевантните институции и носители на политики, со цел да придонесат кон подготвување научно засновани и ефективни јавни политики. Дополнително, соработниците на Центарот активно ги презентираат своите наоди на меѓународни конференции и ги публикуваат во еминентни научни списанија.

🌐 Од неодамна, Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ има нова и функционално унапредена веб-страница! Ве покануваме да ја посетите и да се информирате за нашите тековни проекти, истражувања, публикации и настани.

🔗 https://strategiski.manu.edu.mk