Во рамките на соработката помеѓу МАНУ и БАН на 20 јануари 2016 година, во Софија во салонот на Здружението на бугарските сликари беше отворена Изложба на слики на акад. Глигор Чемерски “Собитија и симболи на земјата Македонска“. Изложбата ја организираа Бугарската академија на науките, Македонската академија на науките и уметностите, Министерството за култура на Република Македонија и Здружението на бугарските сликари. На отворањето на изложбата од наша страна присуствуваа претседателот на  МАНУ акад. Таки Фити и потпретседателот на МАНУ акад. Луан Старова. На чинот на отворањето на Изложбата поздравна реч одржаа претседателите на двете академии, акад. Таки Фити и акад. Стефан Воденичаров. За ликовното творештвото на акад. Глигор Чемерски, беседа одржа акад. Луан Старова. На присутните им се обрати и авторот на изложените слики акад. Глигор Чемерски. Изложбата ќе биде отворена еден месец. Изложбата предизвика значаен интерес кај софиската културна јавност.

На 21 јануари 2016 година беше одржана работна средба на нашата делегација, претседателот на МАНУ акад. Таки Фити и потпретседателот на МАНУ акад. Луан Старова, со претседателот на БАН акад. Стефан Воденичаров и потпретседателот на БАН акад. Николај Милошев. На средбата беше разговарано за досегашната научна и културно – уметничка соработка помеѓу двете академии, како и за иницијативите за нејзино продолжување и продлабочување во текот на 2016 година. Во тој контекст двете страни нотираа бројни иницијативи за соработката во 2016 година – финализација  на постојните меѓуакадемиски научни проекти, сумирање на досегашните резултати во соработката (на заедничка средба на раководителите на проектите), предлози за нови проекти во иднина и за заедничка апликација за европските проекти, заедничко чевствување на “Св. Кирил и Методиј, присуство на наши, односно бугарски научници на меѓународните научни собири посветени на Св. Климент кои ќе се организираат во Македонија и Бугарија, евентуално заедничко организирање на научни расправи посветени на проблемите на толеранцијата, образованието, миграцијата и одливот на младите научни кадри од двете земји и сл. На средбата беше заклучено дека е неопходно раководствата на двете академии да ги разгледаат нотираните иницијативи и да ги селектираат оние што се прифатливи за двете страни, за да може брзо да се состави агендата и календарот за меѓуакадемската соработка за 2016 година.

Фотографии од настанот:

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук