На 18 јуни 2018 година, Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науките, во соработка со Министерството за надворешни работи на Република Македонија, организираа научна конференција на тема: „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и перспективите за евро-атлантска интеграција на Република Македонија“.

Според принципите врз кои е заснован, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија ги има сите карактеристики на европски договор. Пред се, тоа е договор за помирување помеѓу двата народи, со кој се завршува вековната ера на заемни идеолошки и политички, па и вооружени конфликти инспирирани со големодржавни идеологии и концепти. Идејата на помирување на народите е денес водечка европска идеја, вткаена во основачките договори на ЕУ, функционирањето на нејзините институции и водењето европски политики. Таа се изведува всушност на рамништето на апсолутен приоритет на човековите слободи и права и нивната еднаквост, прогласени со темелните меѓународни документи за правата, како најголема гаранција за сеопштиот мир и безбедност на народите. Во светлината на универзалните човекови слободи и права не останува повеќе простор за екстремен и агресивен национализам, патернализам во однос националните малцинства коишто живеат во соседните држави или внатрешна дискриминација и нееднаквост на граѓаните врз национална, етничка или слична припадност.

Целта на научната конференција е да се проникне во улогата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија неговото влијае на евро-атланските интеграции на Република Македонија и Западен Балкан.

МАНУ и БАН, како највисоки научни и уметнички институции од посебен интерес за двете држави,  во изминатиот шестгодишен период дадоа незаменлив придонес во создавањето на дух на соработка и доверба во научната и уметничката средина на двете држави, работејќи заедно на поголем број проекти, меѓу кои и такви што завлегуваат во одделни контроверзни прашања од историјата на двата народи, и започнувајќи со заеднички одбележувања на личности и настани од заедничкото подалечно и поблиско минато. Организирани се бројни конференции и други средби, уметнички манифестации, публикации и други облици на заеднички активности. Тие покажаа дека не постои прашање за кое не може да се расправа низ соочување на разумни аргументи, кои понекогаш може да водат и кон различни заклучоци, ако кон расправата се пристапи добронамерно и со целосна доверба и пријателски став кон соговорниците, и дека само тоа може да биде методот кој треба да биде прифатен од сите субјекти и на кое било рамниште од заемниот дијалог меѓу двете држави.

На настанот беа поканети и учество земаа академици од двете академии и истакнати професори и експерти од областа. Настанот го отворија акад. Таки Фити претседател на МАНУ, акад. Васил Николов потпретседател на БАН и д-р Виктор Димовски државен секретар во Министерството за надворешни работи на РМ. Со свои излагања учествуваа и г-дин Стојан Андов, акад. Георги Старделов, акад. Катица Ќулавкова, проф. д-р Владо Поповски, проф. д-р Драги Ѓоргиев, дописен член на МАНУ, проф. д-р Нано Ружин, м-р Виктор Габер, д-р Љубомир Гајдов и г-дин Љупчо Арсовски.

На крајот на настанот, акад. Таки Фити и акад. Васил Николов ја претставија Платформата за натамошна соработка на МАНУ и БАН во спроведување на Договорот за пријателство , добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Контакт

Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук