На ден 28 март 2019 година во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ се одржа научната конференција насловена „Градење на вредносен и безбедносен систем: услов за интеграција во НАТО“. Настанот служеше како платформа за размена на научни ставови и аргументи околу тоа какви сѐ реформи ѝ претстојат на Република Северна Македонија со цел нејзино успешно интегрирање во Северноатлантската алијанса. Така, збор стана не само за безбедносните аспекти и стандарди туку и за принципите и вредностите кои НАТО ги промовира уште од нејзиното основање во 1949 година – натамошен развој на мирните и пријателските меѓународни односи преку зајакнување на слободните институции и промовирање на условите за стабилност и добросостојба. Збор стана и за економските бенефити од постоењето на Алијансата, односно членувањето во неа, а со тоа се истакна и основната премиса дека НАТО не претставува само воена туку и политичка и економска организација.

Учество на конференцијата зедоа членови на МАНУ, претставници на Владата на Северна Република Македонија, претставници на дипломатските мисии и професори од земјата и регионот. Конференцијата беше поделена во два дела.

Отворајќи го првиот дел од конференцијата како нејзин модератор акад. Владо Камбовски накратко истакна зошто интеграцијата во НАТО е клучна за напредокот на Република Северна Македонија, односно како таа ќе придонесе во градењето на стабилни институции и промоција на владеењето на правото. Тој му даде збор на претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити.

Акад. Таки Фити го посвети своето излагање на економските придобивки од интегрирањето во Алијансата. Според него, како што покажуваат и емпириските податоци од други држави, успешното интегрирање на нашата земја во НАТО сериозно ќе влијае на странските инвестиции и ќе придонесе за поповолна економска клима. Иако влезот во НАТО подразбира и зголемени расходи од државниот буџет (со оглед на тоа дека секоја држава издвојува дел од сопствениот буџет за одбраната со цел да придонесе во буџетот на Алијанската), постојат бројни истражувања кои ја илустрираат корелацијата помеѓу нагорниот тренд кај странските директни инвестиции и интегрирањето во оваа организација. Акад. Таки Фити го поздрави организирањето на дадената научна конференција и истакна дека МАНУ и понатаму ќе продолжи да покренува научни дискусии на клучни општествено-политички и економски теми.

Следна за збор беше заменичката на претседателот на Владата и министерката за одбрана, г-ѓа Радмила Шекеринска. Таа се заблагодари на МАНУ за организирање на настанот и ги истакна заложбите на Владата да придонесе кон стабилност и економски напредок на државата преку интеграцијата во НАТО.

Модераторот следно го повика проф. д-р Иво Јосиповиќ од Универзитетот во Загреб кој освен што истакна научни сознанија и аргументи го сподели и искуството на Република Хрватска, особено земајќи го предвид фактот дека тој бил нејзин Претседател во моментот на интегрирање во НАТО. Така, тој потенцираше дека станувањето членка на Алијанската е, според него, најдобриот пат кој Република Северна Македонија може да го одбере со цел напредок во економска и политичка смисла. Тоа ќе придонесе и кон стабилизација на целиот регион. Се разбира, потенцираше проф. Јосиповиќ, влезот во НАТО подразбира и отстапки за секоја држава, но крајниот исход е позитивен.

Следен говорник беше вонредниот и ополномоштен амбасадор на Франција во Република Северна Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние. Тој ја отпоздрави иницијативата на МАНУ за ваква научна конференција и истакна дека му е чест што зема учество. Како една од првите членки на НАТО, посочи тој, Франција силно го заговара членството на Република Македонија во Алијансата. Тоа е чекор не само кон нејзин развој туку и кон напредок на целиот регион.

Вториот дел од конференцијата повторно беше модериран од акад. Владо Камбовски, кој прв зеде збор. Во својот говор тој потенцираше дека Северноатлантската алијанса одамна ја надминала рамката на една воена организација, односно дека таа претставува и сериозен чинител во градењето на систем на владеење на правото во една држава. Дури и самиот Северноатлантски договор говори не само за мир на меѓународно ниво туку и за силни институции кои ќе овозможат трајна стабилност и развој. Оттаму, Република Северна Македонија се исправува пред сериозен предизвик – да изгради систем на владеење на правото и нулта толеранција за корупција со цел да ги исполни вредносните стандарди на Алијансата. Само во тој случај таа ќе може и да ги почувствува бенефитите од интеграција во овој сојуз.

Покрај акад. Камбовски, во овој дел на конференцијата се обратија и проф. д-р Нано Ружин (ФОН универзитет, Факултет за политички науки и дипломатија), проф. д-р Методија Дојчиновски (Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Воена академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје), проф. д-р Златe Димовски (Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Факултет за безбедност – Скопје), проф. д-р Методија Анѓелески (ФОН универзитет, Факултет за детективи и безбедност), проф. д-р Лидија Георгиева (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Филозофски факултет), проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Филозофски факултет), м-р Сања Керметчиева (Комора за приватно обезбедување). Секој од нив истакна клучни стојалишта за интеграцијата на нашата држава во Алијансата.

Програмата за научната конференција може да ја погледнете: ТУКА.

Фотографии од настанот:

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук