Untitled logo

ТАКИ ФИТИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ 

ВО ПРЕСРЕТ НА ГОЛЕМИОТ ЈУБИЛЕЈ – 50 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ
19672017

Оваа година Македонската академија на науките и уметностите го одбележува и слави големиот јубилеј – 50 години постоење и работење на нашата највисока институција од областа на науките и уметностите. Иако на 22 февруари 2017 година се навршија 50 години од донесувањето на Законот за МАНУ во Собранието на Социјалистичка Република Македонија, а на 10 октомври ќе се навршат 50 години од свеченото конституирање на МАНУ, со гордост истакнуваме дека нашите корени, корените на македонскиот и словенскиот културен и духовен континуитет се  далеку наназад, во временска димензија којашто се мери со столетија. Зашто, мисијата на св. Кирил и Методиј, историските настани што овозможија Охрид, со знаменитата Охридска книжевна школа, уште во IX век да стане средиште на словенската образовна и просветителска дејност, која потоа се прошири низ сите словенски земји, од корен го изменија нашиот придонес во ризницата на европската култура и цивилизација. И понатаму, столетија подоцна, кон средината на XIX век, почнува македонската преродба, со плејада наши културни и национални дејци. Ваквите процеси на почетокот на XX век резултираа со основањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, предводено од Димитрија Чуповски и Крсте Петков Мисирков, чијашто богата научно-литературна и културна дејност претставуваше значаен одблесок на нашиот духовен континуитет и идентитет и настан што го означи зародишот на Македонската академија на науките и уметностите. Ваквиот континуитет ќе продолжи и ќе се одржува и во периодот помеѓу двете светски војни, со плејадата творци од областа на литературата, ликовната уметност, музичкото творештво, филолошките, економските, правните и техничките науки. Неколку години по Втората светска војна, во 1949 година, во слободна Република Македонија беше формиран првиот државен универзитет – „Св. Кирил и Методиј“, во чии рамки, за неполни две децении, се создаде солиден кадровски потенцијал кој овозможи брз развој на високообразовната и на научната дејност во нашата земја. Тоа беше настан од исклучително значење за основањето на МАНУ, како највисока институција од областа на науките и уметностите.

Овој милениумски од и континуитет на развојот на уметноста и на научната мисла на нашите простори е показ и доказ дека ние не сме народ без сопствени корени, без сопствена историја, без сопствена култура, и дека обидите за негирање на нашиот идентитет, јазик, име, сеедно од каде и да доаѓаат, се рецидив на балканските анахронизми и, суштински гледано, апсурдни и ретроградни.

Непосредно по основањето на МАНУ, уследи период на брз развој, диверсификација и збогатување на нејзината научноистражувачка дејност и уметничкото творештво. Нецели две децении по формирањето, МАНУ навлезе во фазата на нејзина зрелост и израсна и се афирмира во темелник на македонската наука, јазик, култура и историја и во еден од стожерите и симболите на државноста на Република Македонија.

МАНУ, денес, според својата интегрална концепција, поставеност и функционирање, ги поседува сите неопходни атрибути на модерна национална академија од европски тип и, се разбира, ги извршува трите основни функции карактеристични за европските национални академии: создавање комуникациски простор за соочување на различните погледи и мислења за значајни прашања од областа на науките и уметностите, научноистражувачката работа и советодавната улога.

Научноистражувачката работа и уметничкото творештво, фактички, ја чинат окосницата на дејноста на МАНУ. Бројот на реализирани научноистражувачки проекти и проекти од областа на уметностите во рамките на МАНУ е импозантен – повеќе од 1.000 проекти во изминатите 50 години. Дел од овие проекти се долгорочни и, главно, врзани за стратегиски прашања од посебен национален интерес, а значаен е и бројот на фундаментални и апликативни истражувања во сите области на науките и уметностите застапени во Академијата. Членовите на МАНУ во својата научноистражувачка дејност сè повеќе ја инкорпорираат меѓународната димензија во творештвото – во последните неколку години повеќе од 60% од научните трудови се објавени во меѓународни списанија, а најголемиот дел од нив се објавени во списанија со импакт-фактор, 50% од трудовите објавени во зборници од научни и стручни собири се однесуваат на собири одржани во странство итн. Исто така, делата на наши реномирани писатели и поети, членови на МАНУ, се преведуваат на странски јазици, а нивното творештво е поместено во светски антологиски избори. Нашите проминентни сликари и скулптори од постарата и од помладата генерација создаваа и создаваат врвни уметнички дела кои редовно се изложуваат дома и во странство. Посебно треба да се истакне дека нашите два истражувачки центра – Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој и Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“, кои во годините наназад се стекнаа со висока репутација во регионот и пошироко, продолжуваат успешно да ја одржуваат стекнатата позиција. Се засилува работата и на другите истражувачки центри, вклучувајќи ги тука и новоформираните, кои започнаа да реализираат значајни меѓународни научноистражувачки проекти.

МАНУ, во своето полувековно постоење и работење, разви богата издавачка дејност. Од нејзиното основање до денес се објавени околу 700 наслови – моногрaфии, резултати од научни проекти, зборници од научни собири, музички изданија, фототипски и јубилејни изданија, заеднички изданија со други академии и научни институции, изданија од свечени собири, посебни изданија на одделенијата на МАНУ и сл. Во издавачката дејност на МАНУ особен придонес дава и Фондацијата „Трифун Костовски“, којашто постои и работи 18 години.

МАНУ проактивно ги следи промените и новите тенденции во доменот на советодавната функција на модерните европски национални економии, а во тој контекст и обврските што произлегуваат од проектот SAPEA – Science Advice for Policy by European Academies, инициран од Европската комисија, со цел да се интензивира соработката на европските академии во рамките на нивната советодавна функција. Преку публикација на резултатите од нашата научноистражувачка работа, нивна презентација пред пошироката научна и стручна јавност во земјата, пред владините функционери и сл., МАНУ  партиципира во креирањето на политиките во областа на науките и уметностите и во вкупниот развој на земјата. Притоа, задржувањето на независноста и самостојноста на МАНУ во извршувањето на советодавната улога е наш врвен принцип и приоритет.

МАНУ во изминатиот период разви богата меѓународна соработка, која придонесува за афирмација на македонското научно и уметничко творештво и за подигање на угледот и репутацијата како на МАНУ, така и на Република Македонија во меѓународни размери. Денес нашата Академија соработува со повеќе од 30 странски академии и научни друштва и е редовен член на 7 меѓународни асоцијации на академии. Во последните неколку години е интензивирана соработката со академиите од соседните земји, со Научното друштво од Берлин „Лајбниц“, а во рамките на т.н. Берлински процес (Joint Science Conference of the Berlin/Process/Western Balkans Process) и соработката со Националната академија на науките на Германија – Леополдина, со Француската академија на науките, и со академиите на Југоисточна Европа и др.

За постигнатите резултати во своето работење Академијата и нејзините членови се добитници на бројни високи домашни и меѓународни награди и признанија. Во изминатите 50 години, МАНУ е добитник на 90-ина награди и признанија – повелби, плакети, благодарници, медали и одликувања од домашни и од странски научни, образовни, уметнички и други институции. Тука посебно треба да се одбележи дека МАНУ е носител на високото одликување Орден на Република Македонија за придонес за развојот на научната и научноистражувачката дејност и уметничкото творештво од значење за развојот и афирмацијата на македонската наука и држава, што го доделува претседателот на Република Македонија, како и престижното признание „Самуел Митја Рапапорт“, доделено од германското Научно друштво „Лајбниц“ – ова признание првпат му е доделено токму на МАНУ. Денес, 22 членови на МАНУ имаат статус на странски, дописни, почесни членови и почесни доктори на науки во 60-ина странски академии, научни друштва и универзитети.

***

Развојната траекторија на МАНУ недвосмислено потврдува дека Академијата, во педесетгодишното постоење и работење, се соочуваше со периоди на вишнеење, но и на падови и премрежиња, кои се во најдиректна врска со состојбите во македонското општество, т.е. со кризните периоди од различна природа – дисолуцијата на поранешната заедничка држава (СФРЈ), проблемите со признавањето на меѓународниот субјективитет на земјата по нејзиното осамостојување, ембаргата и блокадите на земјата во раните транзициски години, внатрешниот конфликт во 2001 година и политичката криза во последниве две-три години. Во вакви кризни и тензични периоди, растеа и критиките упатени кон Академијата – МАНУ е институција затворена во самата себе, МАНУ стои настрана од актуелните прашања и збиднувања во земјата и сл. Тоа, од една страна, е резултат на недоволното разбирање на општествената улога на Академијата – МАНУ е врвна научна институција, на која не ѝ се својствени избрзани реакции од колумнистички тип, со дневнополитички призвук. Напротив, МАНУ говори со силата на фактите и аргументите. Основната дејност на МАНУ – постигнатите резултати во научноистражувачката работа и уметничкото творештво се нашата легитимација пред домашната и пред странската стручна и научна јавност и пошироко пред нашето општество. Од друга страна, ваквите критики и ваквата перцепција за МАНУ има реална основа во самиот факт што МАНУ, наспроти огромниот опус на реализирани научноистражувачки и уметнички проекти, сепак, недоволно ги афирмира резултатите од нејзината научна и уметничка продукција пред јавноста. Тоа е наша слабост која во иднина мора да ја надминеме. Се разбира, не можеме и не смееме да замижуваме и пред други наши слабости и пропусти со кои, барем одвреме-навреме, сме се соочувале во изминатите 50 години и со кои ќе се соочуваме и во иднина – недоволна научна критика за збиднувањата во сферата на науките и уметностите, недоволна отпорност кон политички влијанија и сл. Напротив, во иднина, ќе мора јасно да ги идентификуваме слабостите и пропустите во нашето работење и да изнајдеме вистински пристапи за нивно надминување.

Денес живееме во свет на големата наука. Силниот развој на науките, новиот технолошки модел базиран врз информациско-комуникциските технологии, новиот бран на претприемничко преструктурирање на економиите и општествата, глобализацијата на светската економска активност отворија нови перспективи на економскиот раст и развој на одделни земји и на светската економија во целина. Но, овие процеси, според својата природа, се противречни. Најновата глобална финансиска и економска криза 2007–2009 година ги исфрли на површина противречностите на глобализацијата и незадоволството на луѓето од неа – нерамномерната распределба на богатството и моќта меѓу одделни земји, деструкција на ресурсите и на животната средина во светски размери, исцрпување на силата на постојните технолошки и развојни модели. Овие процеси резултираа и со други проблеми – бегалски, миграциски кризи, јакнење на регионалниот и националниот протекционизам наспроти напорите за либерализација на меѓународната трговија, оградување на земјите со ѕидови на почетокот на новиот милениум, промени во економската и технолошката моќ и на геостратегиската позиција и значење на цели региони и континенти итн. Но, како и да е, една работа е факт – општествата кои се стремат да прераснат во општества и економии базирани на знаење полесно се справуваат со сите споменати проблеми, предизвици и ризици пред кои е исправен современиот свет. Се разбира, приближувањето кон развоен модел заснован на знаења претпоставува големи вложувања на ресурси во образованието, науката, истражувањето и развојот и во културата, проследени, истовремено, со добро конципирани и осмислени стратегии за развој на овие круцијални сфери на човечкиот дух и цивилизациското опстојување. Оттука, токму овој факт, без сомнение, го потенцира посебното значењето на националните академии на науките и уметностите во остварувањето на ваквата цел.

Република Македонија во последните неколку години е соочена со најтешката политичка и општествена криза во периодот по нејзиното осамостојување. Соочени сме со криза на институциите, со кршење на начелата на владеење на правото, со феноменот на „заробена држава“, назадување во процесите на демократизација на општеството и забавување на патот кон евроатлантските интеграциски процеси. Проблемите што  се сега  во фокусот на нашата стварност ќе бараат крупни реформи, многу знаење, енергија и политичка волја за нивно надминување. Во оваа смисла, и во овој контекст, улогата на МАНУ и на целокупниот научен потенцијал на земјата во надминувањето на кризата, исто така, е посебно значајна.

Горните сублимирани оцени и размисли за развојот на МАНУ во изминатите 50 години, за достигнувањата во остварувањето на нејзината базична дејност, за проблемите со кои се соочуваше и се соочува, за крупните предизвици кои ги наметнува новото време и кои се детерминирани од промените во меѓународното и домашното окружување, сами по себе ги дефинираат и основните приоритети на нашата Академија во претстојниот период:

– Нашите долгорочни цели се содржани во мисијата и визијата на МАНУ како врвна институција во областа на науките и уметностите. Мисијата на МАНУ е преку развој на основните функции, карактеристични за сите модерни национални академии од европски тип, да го даде својот полн придонес во вклучувањето на македонската наука и уметност во модерните европски и светски текови, а нашата визија е Република Македонија да стане напредно општество базирано врз науката и знаењето;

– Во претстојните години фокусот на научноистражувачката дејност и уметничкото творештво на МАНУ, во соработка со другите научноистражувачки институции во земјата и со владините експерти, особено ќе биде сосредоточен на елаборација на прашања и теми кои се најнепосредно поврзани со извориштата на актуелната политичка и општествена криза на земјата, за да се понудат можни решенија, пристапи и политики за нејзино надминување;

– Прашањата поврзани со евроатлантските интеграциски процеси на Република Македонија, нивното континуирано и опстојно научно следење и елаборирање и активно учество на членовите на МАНУ во подготовката на пристапните преговори со ЕУ ќе останат висок приоритет на агендата на МАНУ. Нашата крајна цел е Македонија да стане демократска, економски просперитетна и мултикултурна европска земја;

– Сè поголемото инкорпорирање на меѓународната димензија во научното и уметничкото творештво на МАНУ, преку соработка со странските академии,  научни друштва и други научни институции, преку апликација и работа врз научни проекти финансирани од европските фондови и фондовите на другите меѓународни и финансиски институции, исто така, останува наш значаен приоритет.

Да ни е честит големиот јубилеј – 50 години Македонска академија на науките и уметностите.

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук