Untitled logo

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА МАКЕДОНСКАТА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ ПО ПОВОД ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ

Македонската академија на науките и уметностите цврсто стои на гледиштето дека Република Македонија треба да ја градиме и да ја развиваме како демократско, економски просперитетно и европски ориентирано мултиетничко и мултикултурно општество.

Предлог-законот за јазиците, респектирајќи го принципот на бројната застапеност на заедниците, значајно ја проширува и ја унапредува примената на албанскиот јазик во Република Македонија, со цел да се затвори едно отворено прашање, кое создава меѓуетнички тензии и по промената на Уставот на Република Македонија во 2001 година. Претседателството на МАНУ е на мислење дека пред усвојувањето на Предлог-законот во Собранието на Република Македонија потребно е да се отвори стручна и научна расправа за одделни прашања што ги регулира овој Предлог-закон со учество на експерти од различен профил – лингвисти (македонисти, албанолози, специјалисти од областа на ареалната лингвистика), правници, социолози и сл. Тоа ќе придонесе подобро да се разберат предложените решенија, да се расчистат одделни недоречености што можат да создаваат проблеми при примената на Законот во практиката, да се разјаснат некои различни толкувања што се појавија во досегашната расправа и сл.

За сите отворени прашања и дилеми поврзани со оваа проблематика пратениците во Собранието на Република Македонија, респектирајќи ги стручните и научните мислења, треба да иницираат конструктивна дебата, заснована врз принципите на отвореност, толерантност, заемно уважување и избегнување секаков вид ултимативност   и исклучивост, сеедно од која страна тие и да доаѓаат.

Јазичниот плурализам е иманентна карактеристика на мултикултурното општество. Оттука, легитимни се инсистирањата на заедниците за унапредување на нивните јазични права. Македонците треба да го почитуваат тоа и да покажат интерес за јазиците на нивните сограѓани и за унапредување на нивните јазични права, култура и традиции. Но, и обратно – претставниците на другите заедници мора да покажат разбирање, толерантност и респект за македонскиот јазик, како јазик на мнозинскиот народ, и за неговата интегративна, обединувачка функција.

 

12 септември 2017                                                                                                                   ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО НА МАНУ

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ

Фејсбук