Untitled logo

На 20 декември 2017 година, во Македонската академија на науките и уметностите се одржа Тркалезна маса на тема: Растот на македонската економија – состојби, проблеми, перспективи. Со оваа дебата, МАНУ ја одбележа 90-годишнината од раѓањето на Никола Кљусев, еминентен економист, еден од доајените на македонската економска наука, универзитетски професор, научник и истражувач, државник и академик.

Во дебатата, покрај членови на МАНУ, активно учествуваа и бројни универзитетски професори и истакнати научни работници, како и потпретседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, проф. д-р Кочо Анѓушев, гувернерот на НБРМ, м-р Димитар Богов, и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Дебатата беше богата и конструктивна и опфати широк дијапазон на проблеми и прашања поврзани со растот на македонската економија. Притоа, учесниците во дебатата посебно внимание им обрнаа на изворите на растот на македонската економија, т.е. на анатомијата на растот идентификувана преку сметководството на растот, агрегатната побарувачка и секторскиот пристап. Значаен дел од дискусијата беше сосредоточен и на најзначајните фактори на растот – инвестициите и бизнис-климата, институциите, надворешната трговија и билансот на плаќање, клучните макроекономски политики и сл. Низ анализата на факторите на растот и нивната расположливост, т.е. нивната дефицитарност беа идентификувани и главните лимити на растот.

Во дебатата, со свои прилози и дискусии учествуваа: акад. Гоце Петрески, акад. Таки Фити, дописниот член на МАНУ проф. д-р Изет Зекири, проф. д-р Кочо Анѓушев, м-р Димитар Богов, проф. д-р Глигор Бишев, проф. д-р Трајко Славески, проф. д-р Владимир Филиповски, проф. д-р Никола Поповски, проф. д-р Ванчо Узунов, Божидар Миљовски,     д-р Љубомир Гајдов, доц. д-р Дарко Лазаров, доц. д-р  Борче Треноски…

Прилозите од дискусијата, по авторизацијата, МАНУ ќе ги објави во печатена форма во посебен зборник на трудови и ќе ги упати до креаторите на политиките – Владата на Република Македонија и други институции. Зборникот ќе биде поместен и на веб-страницата на МАНУ.

Со оглед на значењето на темата, беше договорено во текот на март/април идната година, МАНУ, во соработка со Министерството за финансии на Република Македонија и НБРМ, да организира научна конференција на слична тема.

Фотографии од настанот:

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук