Собранието на Македонската академија на науките и уметностите на 21 март 2019 година одржа консултативна седница на која расправаше за предлозите на Владата на Република Македонија за новото име на Академијата: Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ и Национална академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ.
Академијата посебно истакнува дека уште пред шест месеци, кога се одржа научна расправа во МАНУ на тема Спогодбата од Преспа: меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија, и особено од кога стана јасно дека, во согласност со член 1, точка ѓ од Договорот од Преспа, Академијата ќе мора да го промени своето име, раководството на Академијата се ангажираше и инсистираше кај Владата на Република Северна Македонија при донесување на одлуката за промена на името на МАНУ да се води сметка за специфичностите на институцијата.
Станува збор за следното:
– МАНУ е највисока институција во сферата на науките и уметностите;
– нејзината основна дејност се остварува во автономните сфери на општеството (наука, уметност, образование, култура) во која државата, според Уставот, има ограничени компетенции – да го поттикнува нејзиниот развој, но не и да управува со неа;
– станува збор за институција со поширок меѓународен углед, со разгранета соработка со странски академии, асоцијации на академии, научни друштва и други научни институции и дека во светските библиотеки се депонирани илјадници нејзини публикации и публикации на нејзини членови; и
– Академијата, дома и во светот, е препознатлива токму со придавската референца на државата (македонска), т.е. МАНУ и дека и на интернет (веб-страницата на МАНУ) стои придавката македонска – manu, односно masa на англиски јазик.
Ваквата аргументација беше во целост прифатена од Владата на Република Северна Македонија, а наиде на разбирање и кај грчката страна.
Академиците посебно истакнаа дека задржувањето на референцата на државата, односно на кратенката МАНУ, како составен дел на новото име, има суштинско значење, бидејќи, од една страна, е поврзано со нашите идентитетски прашања и бидејќи, од друга страна, со ова решение отпаѓа потребата од промена на веб-адресата на Академијата – manu.edu.mk
По обемна и конструктивна дискусија, се заклучи да се упати мислење до Владата на Република Северна Македонија според кое мнозинството членови на Академијата го претпочитуваат името Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ.
Академијата, исто така, истакнува дека таа не донесува одлука за преименување на Академијата, односно дека одлуката ќе ја донесе Владата на Република Северна Македонија, почитувајќи го утврдениот предлог на мнозинството членови на Академијата.

Собрание на МАНУ,

акад. Таки Фити, претседател на МАНУ