Во соработка помеѓу Институтот за геостратешки истражувања и наворешна политика при МНР и Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ, денес во Македонската академија на науките и уметностите, се одржа ТРКАЛЕЗНА МАСА на тема „Постизборни предизвици за евроатлантските интеграции на Македонија.

Тркалезната маса беше организирана во соработка со научното тело think-tank-от Global Strategic Issues Research Initiative (GSIRI)Иницијатива за истражување на глобалните стратешки прашања, кое e воспоставено од заедничката соработка меѓу двете институции со цел да ги истражува глобалните стратешки прашања со кои се соочуваат Република Македонија и светот.

На тркалезната маса, покрај претседателот на  МАНУ, акад. Таки Фити, раководителот на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ акад. Владо Камбовски и директорот на Инстутот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР амб. Абдулкадар Мемеди,  присуствуваа амбасадори и претставници на амбасади на земји членки на ЕУ и НАТО акредитирани во Република Македонија, како и постојаните членови на тинк-тенк телото GSIRI сочинети од претставници на државни институции и академската заедница.

Тркалезната маса се одвиваше врз основа на Chatham house rule, при што се разви конструктивна, содржајна и плодна дискусија каде што беа нагласени достигнувањата на Република Македонија во реформските процеси на евроатлантското интегрирање на земјата, како единствена перспектива за иднината на Република Македонија.

  1. Спроведувањето на изборниот процес беше позитивно оценето, изразувајќи очекување дека во иста демократска атмосфера и со зајакнат институционален капацитет ќе се продолжи и во пост-изборните текови.
  1. Од страна на учесниците беше констатирано дека формирањето на стабилна законодавна и извршна власт и јакнење на независноста на судството, е од клучна важност за натамошниот тек на процесот на евроатлантско интегрирање со цел спроведување на реформската агенда согласно извештаите на Европската комисија.
  1. На основа на согледувањето на глобалните геополитички текови беше потенцирано дека актуелните околности наметнуваат итна потреба од внатрешно политичко и општествено консолидирање врз основа на демократските принципи на сеопшт дијалог, владеење на правото и продолжување со економскиот развој и надградување на институционалните и демократски капацитети. Во тој поглед беше оценето дека стабилна и безбедна Македонија е еден од клучните столбови на стабилен и безбеден Балкан и Европа, воочи актуелните безбедносни предизвици како што се мигрантската криза, борбата против тероризмот и екстремизмот итн.
  1. Во тој контекст, од членовите на GSIRI беше упатен апел, Република Македонија да биде активно вмрежена во новата европска безбедносна архитектура и интеграциони структури.

Имајќи го предвид придонесот кој произлегува од средбите од ваков вид, GSIRI и во иднина ќе продолжи да биде иницијатор на активности кои ќе дадат своевидна поткрепа во насока на реализирање на стратешките приоритети и национални интереси на Република Македонија, во синергија и дијалог помеѓу академската заедница, владините институции и меѓународните партнери.

Повеќе информации за составот на членови и целите на GSIRI може да погледнете: ТУКА.

 

                                                                                                                                                                      Скопје,
19 декември 2016

 

Фотографии од настанот:

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук