Untitled logo

Промоцијата на проектот „Бугарско-македонска меѓугранична соработка за градење на капацитетите за конкурентност и иновативност“,
31 март 2017 година,  Ќустендил, Р. Бугарија

Проект: „Бугарско-македонска меѓугранична соработка за градење на капацитетите за конкурентност и иновативност“

Времетраење: 15 месеци

Буџет: 109.101,24 евра

Партнери:

  • Македонска академија на науките и уметностите – лидер партнер
  • Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово – партнер 2
  • Бугарска академија на науките – партнер 3
  • Стопанско-индустриска комора на Ќустендил – партнер 4

Основна цел на проектот: зголемување на капацитетите за конкурентност и иновативност на локалните бизниси и администрацијата во Североисточниот регион на Македонија (6 општини) и во Ќустендилската област во Бугарија (9 општини).

На 31 март 2017 година во Ќустендил се одржа иницијална средба, прес-конференција и панел-дискусија со што и официјално беше промовиран проектот со наслов „Бугарско-македонска меѓугранична соработка за градење на капацитетите за конкурентност и иновативност“, кофинансиран од Европската Унија преку Интеррег-ИПА Програма за прекугранична соработка Бугарија – Македонија CCI No 2014TC16I5CB006.

Средбата официјално ја отвори г. Јордан Беловодски, претставник на Стопанско-индустриската комора на Ќустендил. Потоа, поздравни обраќања имаа акад. Таки Фити, претседател на Македонската академија на науките и уметностите, и проф. д-р Митко Димитров, претставник на Институтот за економски истражувања на Бугарската академија на науките.

На прес-конференцијата, г. Димитар Ташевски, директор на Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово, со опсежна презентација ги претстави главните цели, активности и очекувани резултати од проектот.

Главниот фокус на панел-дискусијата беше насочен кон клучните аспекти на проектот поврзани со поттикнувањето на прекуграничната соработка, иновативноста и конкурентноста на локалните фирми и администрацијата во селектираните погранични региони на двете земји.

Во панел-дискусијата учествуваа: акад. Таки Фити и проф. д-р Митко Димитров на тема: „Мерки за зголемување на прекуграничната соработка, иновативноста и конкурентноста на локалните фирми и администрацијата во Североисточниот регион на Македонија и Ќустендилската област во Бугарија“ и проф. д-р Радмил Поленаковиќ, ангажиран експерт на проектот од страна на Македонската академија на науките и уметностите, кој зборуваше за иновацискиот потенцијал на Североисточниот регион во Македонија и активностите и анализите од областа на иновативноста и конкурентноста во селектираниот регион што ќе се спроведат при реализацијата на проектот.

На промоцијата на проектот, која беше и медиумски проследена, покрај претставниците на проектните тимови на четирите партнери, присуствуваа и бројни реномирани професори и експерти од академската заедница на Македонија и на Бугарија, претставници на бизнис-секторот, јавниот сектор и институциите за поддршка на малите и на средните претпријатија, иновативноста и конкурентноста од двете земји.

Фотографии од настанот: