АКАДЕМИК ТАКИ ФАТИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ

АКАДЕМИК ТАКИ ФАТИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ

Македонската академија нa науките и уметностите (МАНУ) е основана со Закон донесен на 22 февруари 1967 година од Собранието на Република Македонија. Академијата е формирана како врвна научна и уметничка установа во нашата држава, која го следи и го поттикнува развојот на науките и уметностите и се залага за нивното унапредување. Академијата ги разгледува состојбите во областа на културното наследство и природното богатство, соработува во утврдувањето на националната политика во областа на науките и уметностите, поттикнува, координира, организира и врши научни истражувања и уметнички остварувања, а посебно оние што се од исклучително значење за Македонија. Таа обезбедува услови за научна работа и уметничко творештво на своите членови, се залага за примена на современите методи, научните знаења и резултатите во научните истражувања и воспоставува, одржува и развива меѓународна соработка во областа на науките и уметностите.
Академијата, како врвна самостојна научна и уметничка установа, своите задачи ги реализира со организирање фундаментални, развојни и применети истражувања, посебно со комплексни и мултидисциплинарни истражувања; со организирање научни собири и уметнички презентации и со објавување на резултатите од научните истражувања и научните собири, како и уметничките остварувања. Академијата соработува со универзитетите, научните и културните установи, со друштвата за наука и уметност и со други организации од областа на науките и уметностите во Републиката, како и со академии на науките и уметностите и со други научни и уметнички институции од странство.
Во поновата македонска реалност, по конституирањето на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ (1944), годината илјада деветстотини шеесет и седма ја сметаме за година на официјалното основање на Македонската академија на науките и уметностите. Наскоро ќе го одбележиме големиот јубилеј – педесет години од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.
Измината е една значајна етапа од досегашниот развој на Македонската академија на науките и уметностите. Но, како и сè друго, и самата Академија е исправена пред големите предизвици што ги носи времето на новиот милениум. Во годините и децениите што следуваат Академијата континуирано ќе работи на остварување на својата мисија и на својата визија.
Мисијата на Македонската академија на науките и уметностите е да го даде својот целосен придонес во вклучувањето на македонската наука и уметност во модерните европски и светски научни текови на овие круцијални сфери на човековиот дух и цивилизациското опстојување, преку поттикнување на научноистражувачката работа и постојана грижа за зачувување и афирмација на македонското уметничко и културно богатство и наследство, како битни претпоставки за вкупниот развој на Република Македонија.
Визијата на македонската академија на науките и уметностите е Македонија да стане напредно општество базирано врз науката и знаењето.

 

Screenshot_5