Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 6 јуни 2018 година почина акад. Матеја Матевски, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Акад. Матеја Матевски е роден на 13 март 1929 година во Истанбул, Турција. Тој е еден од врвните имиња на современата македонска поезија и истакнат поет на европската лирика, литературен и театарски критичар, есеист и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а на Институтот за театарски студии во Париз го изучувал модерниот француски театар и драма. Акад. Матевски бил директор на Телевизија Скопје и генерален директор на Радио-телевизија Скопје. Бил редовен професор на Факултетот за драмски уметности, а вршел и високи општествени функции: претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, член на Претседателството на СРМ, член на Македонската редакција на Енциклопедијата на Југославија.
Акад. Матевски бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот П.Е.Н. центар, меѓународните поетски манифестации „Струшки вечери на поезијата“ и „Рацинови средби“, Македонска книжевна фондација, „Охридско лето“ и на „Бигорски научно-културни собири“. Бил основач и претседател на друштвата за пријателство на Македонија и Франција, Македонија и Норвешка и Македонија и Турција. Тој бил уредник и на многу книжевни списанија.
Тој е еден од најпознатите македонски поети во светот. Се смета дека со збирката „Дождови“ ги поставил темелите на македонската модерна поезија. Акад. Матевски има објавено 21 збирка поезија, пет книги литературна и театарска критика и есеистика, десетина избори од сопственото творештво, како и над 60 антологии и книги – препеви на поезија и преводи на драмски и прозни текстови на неколку јазици (шпански, француски, италијански, албански, руски, српски, словенечки). Особено се бројни неговите препеви на шпански и на хиспаноамерикански поети. Неговата поезија е објавувана во сите македонски и југословенски антологии и зборници, како и во повеќе европски и светски зборници, антологии и публикации, додека над 40 негови книги се објавени на повеќе од 20 јазици.
Акад. Матеја Матевски е добитник на сите национални книжевни и други награди и на бројни меѓународни награди. Меѓу многубројните меѓународни награди тој е добитник и на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за целокупниот поетски опус. Носител е на високото национално одликување „Заслуги за Македонија“ и на највисоките француски одликувања „Легија на честа“ и „Уметност и литература“.
Акад. Матевски е член на повеќе европски и светски академии.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1979 година, а за редовен член е избран во 1983 година. Во периодот од 2001 до 2003 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметностите. МАНУ во повеќе наврати го номинираше акад. Матеја Матевски за Нобеловата награда за литература.

Погребот на акад. Матеја Матевски ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на 8 јуни (петок) во 12 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капелата од 11 до 12 часот.

По повод смртта на акад. Матеја Матевски, Македонската академија на науките и уметностите и Факултетот за драмски уметности – Скопје ќе одржат заедничка комеморативна седница на 8 јуни (петок) 2018 година, во 9,30 часот, во Свечената сала на Академијата. Ве повикуваме заедно да му оддадеме последна почит на акад. Матеја Матевски.

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук