Во периодот 29-30 октомври 2018 година, во посета на Македонската академија на науките и уметностите престојуваше делегација на Кинеската академија на општествените науки, предводена од потпретседателот проф. Ванг Џингчинг.
За време на нивниот престој, на 29 октомври беше остварена средба со претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити и со членови на МАНУ. На средбата беше изразена заемната желба за обновување на соработката на двете академии, која е официјализирана во 1998 година со потпишувањето на Меморандумот за соработка.
Акад. Т. Фити, од името на МАНУ, го потенцира интересот и важноста на соработката на МАНУ со Кинеската академија на општествените науки. Акад. Фити посебно го нагласи значењето на Процесот 16+1 во кој Република Македонија активно учествува уште од неговиот почеток. Тој потенцираше дека инфраструктурите проекти во рамките на Процесот 16+1 заземаат доминантно место и дека тие се од круцијално значење за динамизирањето на економскиот раст. Акад. Фити, исто така, истакна дека МАНУ има воспоставено добри односи на соработка со сите академии на земјите вклучени во Процесот 16+1 и дека тоа ù овозможува активна партиципација во реализацијата на компонентите на Процесот 16+1 кои се однесуваат на научно-истражувачката работа, образованието и на сферата на културата.
Проф. Ванг Џингчинг изрази благодарност за средбата на двете академии и искажа оптимизам за ново поглавје во односите на двете академии. Тој го потенцира фактот дека Кинеската академија на општествените науки е определена за помагање во развојот од областа на општествените науки и соработката на двете академии може да се одвива и во рамките на проектот 1 појас-1 пат (Патот на свилата), преку кој Кина може многу да придонесе за општествениот и економскиот развој на Република Македонија, како и во рамките на Процесот 16+1 Think Thank на високо ниво, во чија организација и работа Кинеската академија на општествените науки е активно вклучена. Во тој контекст, нивното доаѓање во Република Македонија е, меѓу другото, и во рамките на учеството на 5. Симпозиум на овој процес, кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
На 30 октомври, во рамките на 5. Симпозиум на Процесот 16+1 Think Thank, акад. Таки Фити и проф. Ванг Џингчинг го потпишаа Договорот за соработка меѓу двете академии.
Фотографии од настанот: