На 15 и 16 јуни 2018 година, во Охрид, се одржа средба на делегацијата на МАНУ во состав акад. Таки Фити, претседател на МАНУ, акад. Владо Матевски, потпретседател на МАНУ и акад. Владо Камбовски, поранешен претседател на МАНУ, и делегацијата на БАН во состав акад. Јулијан Ревалски, претседател на БАН, кореспондентниот член на БАН и потпретседател на БАН Васил Николов и акад. Стефан Воденичаров, поранешен претседател на БАН, на којашто беше изготвена Платформа за соработка на МАНУ и БАН во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Платформата ги осмислува и конкретизира формите и содржините на заедничката соработка во сферата на науките, уметностите, културата и зближувањето на младите од двете земји. Платформата ќе биде потпишана од претставници на двете академии на 18. 06. 2018 година во Македонската академија на науките и уметностите.
На средбата во Охрид беше решено да се формира маѓуакадемиска група составена од по 5 членови од едната и другата академија, раководени од двајцата претседатели на академиите, чијашто задача е да ги координира и надгледува активностите за реализација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
На средбата, исто така, беше решено раководствата на двете академии да се обратат до академските, научните институции и институциите од културата во двете земји да ги засилат своите напори и активности околу остварувањето на обврските од Договорот во интерес на народите и граѓаните од двете земји.
Претставниците на двете академии се договорија на почетокот на месец октомври оваа година во Бугарија да се одржи средба на раководителите на заедничките научноистражувачки проекти и на проектите од областа на уметностите, заради сумирање на постигнатите резултати и координирање на понатамошните активности во оваа сфера.
акад. Таки Фити