На 20 јули 2017 година, во рамките на манифестацијата Научна и уметничка визита 2017 на МАНУ која се одржува во Куќата на Уранија во Охрид, беше отворена изложбата АКВАРЕЛИ од акад. Васко Ташковски.
Неговото уметничко претставување во Охрид е во рамките на одбележувањето на 80-годишнината од раѓањето на авторот. Изложбата ја отвори акад. Газанфер Бајрам, секретар на Одделението за уметност при МАНУ.
Во истиот простор беше промовирана и книгата АКВАРЕЛИ од акад. Васко Ташковски, а промотор беше акад. Катица Ќулавкова.
Сликарството на Ташковски е класично според својата пластична структура и надреалистичко фантастично во поетична смисла. Тој во сите свои определби внесува елементи на младешки занес и верба, искрено и лирско соживување со својот ликовен објект. Оттука во неговите дела границите меѓу димензиите на реалното и ирационалното се сосема укинати, се е претворено во некаква езотерична, несекојдневна визија.
Есејот „Акварелите на Васко ТАШКОВСКИ“ од акад. Катица Ќулавкова за промоцијата на монографијата на акад. Васко Ташковски може да го погледнете: ТУКА.