Под покровителство на Македонската академија на науките и уметностите, Хрватската академија на науките и уметностите и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, во Македонската академија на науките и уметностите на 29 септември 2016 година е отворена изложба под наслов МАКЕДОНИЈА НИЗ ИСКУСТВАТА НА ЗАГРЕПСКАТА МИНЕРАЛОШКА ШКОЛА. Изложбата е организирана во пресрет на стогодишнината од присуството на хрватските минералози на просторите на Македонија, а по повод успешната соработка на македонските и хрватските минералози на полето на изучувањето на минералите од Македонија. На отворањето на изложбата присуствуваа видни истражувачи од областа на минералогијата и геологијата од Македонија и од Хрватска, како и голем број други посетители и вљубеници во минералите. Фотографиите на изложбата се од фотодокументацијата на Минералошко-петрографското одделение на Хрватскиот природнонаучен музеј. Покрај тоа што Изложбата се однесува на минералошките и геолошките истражувања во Македонија, таа има и културолошко и етнолошко значење и многу сликовито говори за социјалните, економските, етнолошките и другите околности на овие наши простори во тие дамнешни времиња.
Изложбената поставка во МАНУ ќе биде достапна за заинтересирните до 30 декември 2016 година.
Фотографии од настанот: