Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во координација со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од 2012 година организира годишни конференции за одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата – 16 ноември на теми поврзани со толеранцијата во општа смисла, а со особен фокус на институционалниот одговор кон криминалот од омраза и говорот на омраза, справување со стереотипите, како и дијалогот меѓу религиите. Ваквите конференции се покажаа како корисни за ширење на пораката за толеранција, а, во исто време, придонесоа и за воспоставување дијалог на високо ниво во земјата во поглед на механизмите за справување со криминалот од омраза, говорот на омраза и дискриминацијата. Како говорници беа вклучени претставници на Европската академија на науките и уметностите, ОДИХР, Академијата за судии и јавни обвинители, државни институции, експерти во полето на антидискриминацијата, како и други реномирани претставници на академската заедница.
Меѓународниот ден на толеранција, што традиционално се одбележува во МАНУ, се одбележи и оваа година на 16ти ноември 2016, со одржување меѓународна конференција на тема: „Дијалогот меѓу цивилизациите и предизвиците на толеранцијата во дигиталната ера“ на три јазици: македонски, албански и англиски.
Традиционално, конференцијата со поздравно обраќање ја отвори претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити, по што следеше поздравното обраќање на заменик – шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-дин Џефри Голдстајн. Свое поздравно обраќање имаше и Раководителот на Центарот за стратегиски истражувања како организатор на настанот – акад. Владо Камбовски, по што беше најавена првата работна сесија.
Главен говорник и модератор на првата работна сесија беше д-р Румиана Желева, од Институт за изучување на општествата и знаењето при Бугарската академија на науките, Софија (ИИОЗ – БАН) со свое излагање на тема: Јазик, дијалог, толеранција: современи предизвици и перспективи. Потоа свое излагање имаа и д-р Беса Арифи од Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа, Тетово, на тема: Ефективно процесирање на криминалот од омраза како предуслов за негова превенција, м-р Лилјана Пецова–Илиеска од Дирекцијата за заштита на лични податоци, Скопје на тема: (Само)регулаторни модели за одговорно објавување на коментари на интернет vis-à-vis случајот Delfi против Естонија и д-р Ервис Мартани од Универзитетот „Марин Барлети“, Тирана, на тема: Интеркултурен дијалог, образование и политики како алатки за справување со нетолеранцијата.
Со овие излагања беше заокружена првата работна сесија и по кратката пауза учесниците продолжија со втората работна сесија каде што главен говорник и модератор беше д-р Едмонд Цане, од Албанската академија на науките, Тирана со свое излагање на тема: Connectivity, western Balkans and the ratcheting issue по што ги најави и следните излагачи, Виолета Ѓорѓиевскa од Интернет хотлајн провајдер, Скопје со излагање на тема: Размислувај глобално, делувај локално – македонска перспектива и заедничкиот труд на д-р Лазар Нанев од Правниот факултет, Универзитет „Гоце Делчев“, Штип и д-р Иван Анастасовски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, на тема: Интернетот и социјалните мрежи како алатка на навивачите за ширење на говор на омраза и дискриминација во спортот.
По опсежните излагања на главните говорници и излагачите на меѓународната конференција, останатите учесници беа поканети да земат учество во дискусијата по отворените прашања што се отворија на конференцијата, по што се разви дискусија.
На крајот, акад. Владо Камбовски ги изложи завршните видувања со што меѓународната конференција беше успешно завршена.
Оваа година, за прв пат беше објавен повик за доставување трудови, што беа презентирани на годинешната конференција. Од подносителите на трудови беше побарано да се осврнат на прашањето како технологијата на 21 век го менува начинот на кој размислуваме и се чувствуваме и нејзиното влијание врз Балканскиот Регион, како и врз структурните и институционалните прашања на кои се должи ранливоста на Западниот Балкан (проблеми што произлегуваат од нашето минато и нивната повраност со сегашните предизвици).
За членови во уредувачки одбор беа предложени следните членови:
- Акад. Владо Камбовски, Раководител на Центарот за стратегиски истражувања, МАНУ
- Rumiana Jeleva, Institute for the Study of Societies and Knowledge (ISSK) at the Bulgarian Academy of Science.
- Edmond Cane, Specialist for Scientific Communication and Public & Foreign Relations, at the Albanian Academy of Sciences
- Томе Шеќерџиев, National Rule of Law Officer
OSCE – Mission to Skopje - Елена Мујоска Трпевска, Центар за стратегиски истражувања, МАНУ.
Публикацијата од меѓународната конференција на тема „Дијалогот меѓу цивилизациите и предизвиците на толеранцијата во дигиталната ера“ на три јазици (македонски, албански и англиски), ќе биде објавена во текот на 2017 год.
Фотографии од настанот: