На 24 јануари 2018 г. во посета на МАНУ беше Н.Е. г. Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Република Македонија. Тој се сретна со претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити, со акад. Владо Матевски, потпретседател на МАНУ, акад. Леонид Грчев, секретар на МАНУ, акад. Живко Попов. На состанокот присуствуваше и г. Бранко Чобанов од Францускиот институт во Скопје.
На средбата беше истакнато задоволство од интензивирањето на македонско-француската научната француска соработка – во тој контекст во април 2017 година во МАНУ одржа предавање истакнатиот математичар, проф. Седрик Вилани, а исто така беше објавен и зборник од одржаниот собир „Македонско-француската меѓуакадемиска соработка во духот на новите предизвици на франкофонијата“, кој се одржа во март 2016 година во МАНУ.
Амбасадорот Тимоние ги информира присутните за неговата средба со проф. Катрин Брешињак, постојан научен секретар на Француската академија на науките, на која била дискутирана и посветеноста на МАНУ на франкофонијата и заложбата за воспоставување научна соработка меѓу двете институции. Проф. Брешињак ја прифатила поканата од МАНУ да ја посети МАНУ во април оваа година. Меѓу другото, таа пројавила интерес за посета на научните лаборатории во Република Македонија, а особено на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ при МАНУ. Исто така, таа пројавила интерес и за биодиверзитетот во Република Македонија и во регионот, како и за заштита на културното наследство во регионот, со примена на современи методи и со вклученост на уметници, хемичари и конзерватори на уметноста. Проф. Брешињак е подготвена да одржи и предавање во МАНУ на тема: „Улогата на јазичниот плурализам во истражувањето“. Исто така, проф. Брешињак би сакала да ја посети и билингвалната македонско-француска паралелка во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово.
На средбата беше заклучено дека посетата на проф. Брешињак е добар повод за одржување и на работна сесија за научната соработка на Република Македонија и Франција, а нејзината посета е и во контекст на одбележувањето на 25-годишната од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Франција, што се одбележува оваа година.
Претседателот на МАНУ го информираше амбасадорот дека Извршниот одбор на МАНУ донел одлука за преведување на познатата книга на Едгар Морен „La Tête bien faite“ и замоли Францускиот институт во Скопје да помогне околу регулирањето на авторските права.
Фотографии од настанот: