Во рамките на предвидената програма на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ, на 30 ноември со почеток од 10 часот, во малите сали беше организирана научна и стручна расправа на тема „Ефикасност на судството како битна компонента на судските реформи“. Расправата е во рамките на глобалниот повеќегодишен проект „Независност на судството“, со цел развивање конзистентен и комплексен пристап кон сложените научни, легислативни и практични проблеми на судските реформи и нивното остварување. На настанот учесници покрај научните работници во МАНУ и универзитетите во Република Македонија, беа поканети и членови на Секретаријатот за европски интеграции во Владата на РМ, Министерството за правда, претставници на институциите во судството, јавното обвинителство, МВР, Народниот правобранител, Државното правобранителство, адвокатурата, нотаријатот и извршителите, претставници на ОБСЕ, ЕУ, СЕ и странски амбасадори. Интересот за учество на настанот беше голем и своето активно учество го потврдија 18 истакнати експерти од правната теорија и пракса.
Расправата ја поздрави и отвори раководителот на Центарот за стратегиски истражувања, акад. Владо Камбовски кој се осврна на неопходноста за организирање на ваква научна и стручна расправа и на најважните аспекти на ефикасноста на судството како клучен темел за правично функционирање на едно демократско општество. Нагласи дека Република Македонија е поставена пред императив за итна реформа на судскиот систем. По него свое излагање имаше проф. д-р Борче Давитковски за “Ефикасност на управната постапка”. Потоа свое излагање имаше претседателката на Врховниот суд, г-ѓа Лидија Неделкова која зборуваше за Улогата на Врховниот суд во обезбедувањето единство во ефикасната и ефективна примена на правото. За “Улогата на Народниот правобранител во унапредување на судските постапки” зборуваше г-дин Иџет Мемети државен народен правобранител на РМ, кој апелираше да се развие подобра комуникација меѓу народниот правобранител и судските власти. Расправата продолжи со излагање на г-дин Петар Аневски за “Улогата на Советот на јавни обвинители во унапредување на ефикасноста на јавното обвинителство” и г-ѓа Гордана Гешковска за “Ефикасност на јавното обвинителство”. Потоа, свои излагања имаа г-дин Никола Прокопенко од Министерството за правда на РМ кој зборуваше за “Ефикасноста на судството низ призмата на документите на CEPEЈ” и проф. д-р Љупчо Арнаудовски кој зборуваше за “Улогата на Судскиот совет во унапредувањето на ефикасноста на судскиот систем и гарантирање на независност на судството” по што следуваше кратка пауза.
Вториот работен панел го отвори проф. д-р Ванчо Узунов со свое излагање за “Некои параметри за ефикасноста во работењето на судовите во периодот 2006 – 2014 година”, по што за Ефикасно функционирање и независност на управните судови во остварување на нивната функција на контрола на извршната власт и управата” зборуваше проф. д-р Ана Павловска Данева. Проф. д-р Гордана Лажетиќ Бужаровска се осврна на Ефикасноста на редовните судови а г-дин Тодор Витларов за Самостојност на јавното обвинителство.
По втората пауза започна третата работна сесија на стручната расправа каде што прв зборуваше проф. д-р Лазар Нанев за Ефикасноста на казнената постапка. Потоа свое излагање имаше м-р Костадин Богданов на тема Извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Проф. д-р Арсен Јаневски зборуваше за Ефикасноста на граѓанските постапки по што збор зема г-ѓа Наташа Габер Дамјановска за Ефикасноста на Уставниот суд во контролата над уставноста и законитоста на правните прописи и заштитата на човековите слободи и права. Расправата беше затворена со излагањата на адвокат Дељо Кадиев за Улогата на адвокатите во унапредување на ефикасноста на судскиот систем, извршителот Гордан Станковиќ за Улогата на извршителите во унапредување на ефикасноста на судскиот систем и судија Едита Насковска за Ефикасноста на прекршочната постапка.
По опсежните излагања следуваше дискусија и заклучни согледувања, по то раководителот на Центарот за стратегиски истражувања ја затвори научната и струча расправа, со барање сите учесници да ги достават своите излагања во форма на трудови до крајот на месец декември 2016 година.
Заклучоците од научната расправа може да ги погледнете: ТУКА.
Фотографии од настанот: